Во Селник и Ѕвегор црковно-народен собир за Петковден

Празникот Петковден е еден од оние датуми кога православните Христијани на неколку локации во делчевско ги организираат традиционалните црковно-народни собири.

Еден од најпознатите собири се организира во Црквата Света Петка во село Селник. Прославата вообичаено започнува со празнична богослужба, проодолжува со културно-уметничка програма и заеднички ручек за сите соборјани, а ќе заврши со општонародна веселба.

– Црквата Св. Петка во Селник е најстара во регионот. Се претпоставува дека е градена помеѓу 14 и 16 век и е единствена со покрив од камени плочи, велат жители на селото.
 
Со донации од роднокрајци и со средства од Министерството за култура пред нешто повеќе од една деценија се извршени интервенции на објектот и е обновена камбанаријата.
 
Црковниот одбор прави напори за целосна санација на статиката и фрескоживописот на овој сакрален објект, што сведочи за вековното духовно наследство на македонско тло. За таа цел се испратени писмени барања до Заводот за заштита на спомениците и до ресорното Министерство.
Освен во Селник годинава црковно-народен собир е предвиден и во селото Ѕвегор. Собирот на 27 октомври ќе се одржи кај манастирскиот комплекс Свети Илија, а настанот ќе биде збогатен со настап на вокалниот ансамбл Мелизма од црковниот храм Св.Илија Аеродром – Аеродром, Скопје со изведба на божествена литургија.
Во рамки на собирот црковниот одбор при црквата Св.Илија од село Ѕвегор организира и заеднички ручек. Настанот е предвидено да започне во 10 часот.

Црквата „Св.Илија“ во с.Ѕвегор

Манастир „Св.Илија“ во с.Ѕвегор

Posted by delcevo365.mk on Sunday, September 16, 2018

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*