Регионалниот Центар за застапување од Делчево одбележува 12 години постоење

15 години откако беше формиран Центарот за поддршка на невладини организации -Делчево и 12 години од своето самостојно формирање и делување, се двата јубилеи кои Регионалниот центар за застапување од Делчево ќе ги прослави овој 26 октомври. РЦЗ е основано во 2006 година со слободно здружување на граѓаните претставници на НВО, бизнис секторот и локалната власт, и како непрофитна, невладина и непартиска организација има цел да ја продолжи основната функција која ја имаше ЦП – НВО Делчево, а тоа е зајакнување на граѓанското општество. Во оваа деценија ипол, организацијата работи на застапување и поддршка на НВО секторот за партиципирање во процесот на креирање на политики за ефективен развој на регионот што ги опфаќа општините Делчево, Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Виница и Кочани. Мисијата на РЦЗ произлегува од потребата на организација во регионот која ќе дава поддршка за соработка и вмрежување на трите сектори во регионот за идеи и проекти, ќе ги застапува политиките и интересите на субјектите од регионот пред донатори и институции, ќе координира и информира за меѓугранична соработка, ќе едуцира и информира за Европската унија. Освен ова, РЦЗ пружа и лепеза од најразлични услуги како организирање обуки и тркалезни маси, информирање за конкурси, сала за состаноци, опрема за презентација, канцелариски услуги, превод, консултации и помош за изработка на проекти, активности за промоции на ЕУ фондови.

                            

Во пресрет на нивниот 12 роденден кој ќе биде одбележан на 26 октомври – петок направивме едно кратко интервју за состојбата во граѓанскиот сектор во регионот, за областите кои се приоритетни за работа и за успешните проекти реализирани досега.

Делчево365: 12 години се навистина долг период за да може да се наброи се што е реализирано, но ако треба да ги издвоите, според вас, кои се најзначајните проекти и активности кои сте ги релизирале во овој период?

РЦЗ: Да, 12 години е период во кој РЦЗ успеа да се справи со многу предизвици. Се одвоивме успешно од проектот „Центри за поддршка на НВО во социјално и економски неразвиени подрачја во Р.Македонија“ и продолживме да работиме сами.

Имаме реализирано голем број проекти од кои најзначајни и за нас најдраги ни се Енергетско ефикасно осветлување во делот на јавното осветлување во Делчево каде користејќи донација од ГЕФ ПМГ и донација од РЕЦ македонија успеавме да ги зајакнеме нашите капацитети во Енергетската ефикасност, но и да замениме 86 живини светилки во центалното градско подрачја со натриумови светилки заедно со лустери со урбан изглед изработени од ковано железо. Исто така заменивме и 131 светилка на булевар Македонија и ул М.М.Брицо во Делчево кои исто така беа живини и застарени со нови натриумови светилки и нови тела. Успеавме први во општината да ја предвидиме и да ја започнеме оваа активност како европски тренд со што придонесовме до заштеда на буџетот на општината, намалување на емисијата на СО2 честички во воздухот. Тоа беше 2008 – 2009 година.

Во 2016 година успеавме преку програмата на УСАИД имплементирана од Милиеуконтакт Македонија да ја изработиме првата општинска стратегија за климатски промени (десетгодишен документ) и да обезбедиме околу 60 000 УСД за имплеметација на првиот приоритет од акцискиот план на овој документ. Тоа беше изградба на атмосферска канализација на ул „Питу Гули“ во Делчево, прва атмосфеска канализација во нашата општина. Овде и општината ни даде огромна поддршка и финансиско учество. РЦЗ го организираше првиот ЛИДЕР фест во Р.Македонија со финансиска поддршка од Мрежата за рурален развој на Р.Македонија. Исто така преку два проекти на Швајцарската агенција за развој и соработка имплементиравме два проекти во Делчево и тоа Пешачката патека на левата страна на реката Брегалница во должина од 520 метри како и информативни табли за биодиверзитетот во самото течение на река Брегалница во општина Делчево и и вториот проект за енергетска ефикасност на ОУ „Ванчо Прке “ во Делчево каде се поставени 7 колекторски системи за добивање на топла вода од сончева енергија, која топла вода ке служи за подигање на хигиената во училиштето а воедно ке прави заштеда на елекрична енергија во училиштето.Со овој проект е напрваена и замена на секундарната инсталацијата за вода во спортската сала и во дел од санитарните јазли на училиштето со замена на дел од цевките и чешмите во училиштето.

Сме работеле и на помали, но не и помалку значајни проекти кои исто биле од клучно значење. Организирани се обуки од различни области, работилници за млади, инфо денови, кампањи, а континуирано ги зајакнуваме нашите капацитети, но и капацитетите на останатите организации и институции и секогаш стоиме на располагање за застапување и поддршка на НВО секторот во процесот на креирање политики за ефективен развој на регионот. Така ќе биде и понатаму.

                    

Делчево365:Од кои регионални и меѓународни мрежи е дел РЦЗ?

РЦЗ : Ние сме дел од Мрежата за рурален развој на Република Македонија, но е и член на две европски мрежи PREPARE за рурален развој и АВАЛОН мрежа со седиште во Холандија која работи на полето на органско земјоделско производство. Исто така имаме одлична соработка и со ЛАГ по ЛИДЕР мерката од република Чешка со кои имаме воспоставена соработка и планови за идни средби и проекти.

Делчево365: Кои стратешки документи во соработка со РЦЗ се донесоа изминатите години ,а кои се од клучно значење за развој на граѓанското општество во регионот?

РЦЗ : Последен документ на кој работевме е „Стратегијата за соработка на граѓанскиот сектор со општина Делчево“ документ кој за прв пат се изработува и кој ќе придонесе за соработката и меѓусебната доверба на општината со граѓанскиот сектор. Покрај овој документ, нашето здружение има изработено и голем број на стратешки документи за општина Делчево, Пехчево и Македонска Каменица. Овде би ги спомнал „Зелената агенда за Делчево“, „Локален еколошки акционен план за Делчево“, „Стратегија за енергетска ефикасност“ за Делчево, „Стратегија за Локален економски развој“ и „Локален еколошки акционен план“ за Македонска Каменица, „Стратегија за Туризам“ и „Студија за Туризам“ за општина Пехчево и други.

Делчево365: Кои се проектите кои Ви престојат до крајот на годинава и за 2019?

РЦЗ : РЦЗ во моментот имплементира проект за Безбедност и здравје при работа. Проектот е насочен кон институциите и бизнис заедницата во 5 градови во Источниот регион, а целта е промоција на мерките и нивна примена преку истражување на состојбата на терен. За наредната година секако планираме да продолжиме со исто темпо со тоа што на крајот на годината ќе направиме еден осврт на случувањата и опкружувањето и со заклучоците од целогодишната работа ќе се утврди кои области да ни бидат приоритетни за 2019.

Делчево365: Зошто е важно постојаното развивање на граѓанскиот сектор во Делчево?

РЦЗ: Граѓанскиот сектор е важен бидејќи тоа е местото каде заинтересираните страни пред се младите, можат да ги закјакнат своите капацитети на најразлични теми, можат да го надоградат своето образование и искуство надвор од границите на РМ преку користење на најразлични програми и фондови. Преку граѓанскиот сектор можат да се иницираат различни општествени промени, да се покренуваат иницијативи за решавање на проблеми, можат да се идентификуваат и заштитуваат вредностите било да се природни или културни. Палетата на можности е секако голема, токму поради тоа РЦЗ е отворен да понуди секаков вид поддршка и соработка на секој иднивидуалец или група која има добра идеја и сака да придонесе за градот.

 

Делчево365: Има ли разлика од делувањето на невладините организации во поразвиениет региони и кои се предизвиците со кои Вие секојдневно се соочувате?

РЦЗ : Во изминатите години во Македонија се чувствува делувањето на граѓанскиот сектор по региони. Поактивни се регионите каде живеат поголем процент од малцинските заедници и каде има заштитени подрачја и национални паркови. Тоа е разбирливо. Таму е поголем интересот на донаторите. Но тоа во никој случај не значи дека останатите региони кои не располагат со ова се помалку застапени на листите на странските организации и фондации. Тоа секако зависи од иницијативноста и ангажманот на самите невладини. Помалку развиените подрачја нудат повеќе можности за работа, студиските посети надвор од државата и вложувањето во капацитетите на организацијата значи нови искуства и треднови дома. Значи на крај се се сведува главно на амбициозноста за работа бидејќи можностите се секаде околку нас.

Делчево365: Сметате ли дека граѓаните доволно се запознаени со работата на НВО секторот и знаат како да го употребат нивното делување во своја корист?

РЦЗ : Мислам дека и покрај големиот број на граѓански организации и покрај нивното долгогодишно постоење и делување, и покрај видливата работа на терен и постигнатите промени во општеството уште е голем бројот на граѓани кои гледаат со недоверба на граѓанскиот сектор или воопшто не се запознаени со неговата работа. Мислам дека тоа се должи на слабата промоција на секторот најпрвин од самиот себе, но и од доцните почетоци на овој вид на активизам во Македонија споредено со земјите членки во ЕУ. Секоја организација индивудуално си го трасира патот до јавноста, некои се повидливи во тој дел, некои не, но во секој случај оваа работа е поврзана со транспарентноста и важно е сите да бидат во тек со она што во моментот се работи.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*