Осум милиони денари за изградба на неколку улици во Делчево

Во Делчево ќе се гради првата улица во новата населба „Пролет“ во должина од 261 метар. Вредноста на проектот е два милиони и 375 илјади денари, а економскиот оператор кој на јавната набавка беше избран како најповолен понудувач треба да ги заврши работите во рок од два месеци од потпишување на договорот.
 
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека за реализација на овој и други инфраструктурни проекти во буџетот се предвидени околу 8 милиони денари.
 
-Приоритет за нас е решавање на инфраструктурните проблеми. За таа цел изработени се проектни документации и обезбедени се средства во висина од околу 8 милиони денари за изградба на првата улица во новата населба Пролет, изградба на улица во селото Габрово, која жителите ја бараа подолго време, како и решавање на улицата покрај паркингот пред Територијална противпожарна единица Делчево во центарот на градот и реконструкција на улицата Македонска. За дел од улиците се спроведени јавни набавки, за останатите процедурата е во тек и очекувам за три месеци, доколку дозволат временските услови да се заврши со градежните работи, истакна Трајковски.
 
Додава дека улицата „Македонска“ во населбата Милково Брдо на која веќе е поставена атмосферска канализација ќе се гради во должина од 190 метри. Средствата во висина од околу три милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево, а јавната набавка за изградба на улицата ќе се распише деновиве.
 
Вредноста на инвестицијата за доизградба на дел од улицата Никола Јонков Вапцаров е 840 илјади денари и тие средства се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.
 
Улицата во селото Габрово е во должина од 198 метри, а предвидените средства за нејзина изградба се во износ од 1,4 милиони денари. Електронското наддавање за избор на најповолен понудувач е закажано на 9 ноември.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*