Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево одбележува 70 години од своето постоење

Грмнат ли тие тапаните и почнат ли да дрнкаат ќемането и тамбурата пијанечки, со ритамот на фолкорното добро – орото Копачка, не мора да си од Пијанец, за да ти растрепери душата, да ти се разбрануваат дамарите од духовните длабочини на исконското, на нашите корени, кои не отсликуваат како народ.
 
Веќе цели 7 децении, членовите на ФГ КОПАЧКА од с. Драмче, Делчево,тој силен духовен изблик го ставаат на сцените во земјата и странство, воодушевувајки ја публиката. Приказната како што раскажува Перса Стојановска, секретар на здружението Копачка, започнува во 1948 година, кога се формира групата од најдобрите играорци од Белчанска и Црничка маала, во с. Драмче.
 
-После одржувањето на околиските смотри во Царево село и Републичкиот фестивал во Скопје, групата се пласира за настап во Опатија, во 1951 и освојува второместо. Се нижат настапите и наградите во Штип 1961, во Радовиш, Битола, Охрид, Загреб во 1975, кога и го добива името Фолкорна група „Копачка“ с. Драмче. Од настапите на фестивалите во земјата и странство продолжува да се стекнува со врвни признанија и награди: Од повеќето награди во с. Спатово, Сандански Р. Бугарија, па неколкуте Гран при од „Тодорица“ во 2007 година, „Илинденски денови„ од 1998 и 2017, „Делчево“ во 2016, како и за нај изворна и нај комплетна носија на „Илинденски денови“ во 2011, потоа „Гајда Ињево“ во 2012 и „Велигденски средби“ во 2018 година кои се одржаа во с. Ораовица. Групата освои награди и за најдобар настап екипно на „Гајда Ињево“ во 2017 година, за најубав штанд на „Тодорица“ во 2013 година, а Специјална награда имаме од „Илинденски денови“ во 2015 каде наградата ја добивме за долгогодишно презентирање на древното оро „Копачката“ , раскажува Стојановска.
 
Додава дека најголем подем Групата доживува во последните 8 години, откако во 2010, сè уште како неформална група, а преку ЗРА „Пијанечки глас“ од Делчево, проектот „Заштита на изворната Копачка, влегува во Националната програма на Министерството за култура на РМ.
 
-На 8 август 2014 година, Владата на Р. Македонија ја донесе Одлуката (Сл. Весник бр. 120 од 08.08.2014), за прогласување на духовното културно добро „Копачка“, традиционално оро од с. Драмче, Пијанечки регион, за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Следуваше предлогот од Министерството за култура на РМ, машкото соборско оро Копачка, да се номинира за светско културно наследство на УНЕСКО, кој со радост го поддржавме. Со целосна посветеност на оваа иницијатива, сè што беше потребно за таа номинација на орото на меѓународно ниво, подготвивме и испративме до Управата за заштита на културното наследство. Номинацијата ја комплетиравме во март 2011 година кога од Министерството за култура а во име на нашатадржава, беше доставена до УНЕСКО. Постојано се прелистуваа критериумите, оперативните директиви на УНЕСКО, се прочистуваше нашето досие согласно со сите дополнителни барања од администрацијата на УНЕСКО, објаснува Стојановска.
 
Раскажува дека тензијата растела, од ден во ден, од месец во месец, од една на друга пленарна сесија на УНЕСКО. Забелешки стигнале и од Одборот за евалуација на УНЕСКО, кои дале предлог, во досието да се избрише зборот „машко оро“ (што стоеше пред соборско оро Копачка) и да се вклучи во апликацијата и женската варијанта на „Копачката“, имајќи предвид дека го играат и жените, што автоматски значеше заштита и на женското оро „Копачка“.
 
-Така и се случи. Целата процедура траеше полни три години. Кон номинацијата во различни периоди од нејзината изработка се доставуваа нови фотографии, се монтираше нов филм за „Копачката“ во кој се додаваа нови моменти на изведба на орото, нова и посредена автентична носија, вклучивме и свои инструментариуми и секогаш во технички подобрена верзија, се доставуваа материјалите. Извонредната комуникација со државните институции, пред сѐсо Управата за заштита на културното наследство, со Институтот за фолкор „Марко Цепенков“ Скопје и Националната канцеларија за УНЕСКО на Р. Македонија, придонесе и покрај забелешките (кои успешно ги отстранивме), апликацијата да ги помине сите скалила вклучително и гласањето на меѓувладиниот комитет на УНЕСКО, додава Стојановска.
 
Стојановска со гордост се сеќава на моментот кога орото „Копачката“ е заштитено од страна на УНЕСКО.
 
На 27.11.2014 година во Париз, на 18-та пленарна сесија на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, беше донесена Одлуката завпишување на бисерот „Копачка“- соборско оро (машко и женско), од село Драмче, Пијанечкирегион, во престижната Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријални културнинаследства на човештвото. Во целиот овој процес, имавме верба и визија и се гледавме себеси восвојство на активни носители на заштитеното културно наследство – орото „Копачка“. Таа енергија на целосна посветеност и давање себеси, нè не напушта ни денес. Напротив, сега кога сме исправени пред предизвикот за одржливост на орото, да опстои на листата на УНЕСКО, се чувствуваме уште по одговорни, по моќни, по креативни, по доследни во негувањето на орото „Копачка“ и другиот пијанечки фолкор, раскажува Стојановска.
 
Она најзначајното што допрва претстои, е навршувањето на 70 години од постоењето на групата. За таа цел како што информира Стојановска денес 20 ноември и утре 21 ноември големиот јубилеј ќе биде одбележан со низа настани.
 
-Годинашниот наш голем Јубилеј на 70 години постоење на Копачка, Драмче, го придружува овој мал, но многу значаен Јубилеј на 4 години Копачката во УНЕСКО, за што сме необично горди. Пијанечкиот фолкор со неговиот најголем бисер орото „Копачката“, во последните 4 години, многу поинтензивно се везеше на сцените во земјата и странство. Покрај на реномираните национални, но и меѓународни фестивали во земјата, групата „Копачка“, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и на Општината Делчево, мошне успешно ја претставуваше нашата држава во странство во Бугарија, Србија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Словачка и други земји. Прославата на Јубилејот ќе започе на 20 ноември, попладне во 17 часот со дефиле низ градот со КУД од Источниот плански регион кои на неколку локации ќе го изиграат големото оро „Копачка“, со десетина тапани, со еден единствен ритам на Шетаницата, Ситното, Префрлачката и Копнувањето. Потоа во салата на Спомен домот АСНОМ, по отварањето на настанот од страна на Градоначалникот на Општина Делчево, Г-дин Горан Трајковски и воведниот збор на народниот уметник Димитар Узунски, јас ќе ја промовирам збирката: „70 години Копачка / награди и признанија“. Потоа ќе продолжиме со концерт на учесниците: ЗФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, Разиграни пензионери – М.Каменица, КУД „Вера Јоциќ“ од М.Каменица, Ансамблот „Китка“ од Истибања; ФГ „Н.Ј.Вапцаров“ Делчево и други. Настанот ќе биде заокружен со доделување на признанија за придонес во одржливоста на „Копачката“ во нејзиниот 70 годишен опстој, информира Стојановска.
 
Прославата ќе продолжи и наредниот ден 21 ноември пред собориштето пред црквата „Св. Архангел Михаил“ во с.Драмче, каде 7 децении, но и пред тоа непрестајно пулсира ритамот на живото фолкорно добро орото „Копачката“ и на другиот пијанечки изворен фолкор.
 
-Овде концерт ќе одржат покрај нас домаќините и нашите гости КУД Русалии од с.Секирник, Струмица и Народното Читалиште „Иван Чаушки 1934“ с. Логодаж, општина Благоевград, со свој репертоар од изворен фолкор. Прославата ќе ја заокружат најдобрите играорци, од присутните соборјани и од нас носителите коиво општо-народна веселба ќе се надигруваат со играње на пијанечки ора, а пред се на пијанечкото, национално и светско културно наследство на УНЕСКО, орото „Копачката“, покажувајки дека орото е живо, кое нешто е еден од најбитните предуслови, за извештајот во 2019 година до УНЕСКО, да ни биде позитивен, додава на крај Стојановска.

ВО ВТОРНИК И СРЕДА ПРИГОДНА ПРОГРАМА ПО ПОВОД 70 ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ФОЛКЛОРНАТА ГРУПА КОПАЧКА

ВО ВТОРНИК И СРЕДА ПРИГОДНА ПРОГРАМА ПО ПОВОД 70 ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ФОЛКЛОРНАТА ГРУПА КОПАЧКА

Posted by delcevo365.mk on Monday, November 19, 2018

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*