Кампања ,,Денови на хуманоста, дарувај со љубов“

Во општина Делчево започнува кампањата ,,Денови на хуманоста, дарувај со љубов“. Кампањата е дел од активностите на Општина Делчево по повод 3 Декември – Светскиот ден посветен на лицата со попреченост. Во имплементацијата учествуваат основните училишта „Св.Климент Охридски“, „Ванчо Прке“, детската градинка „Весели цветови“, локалната јавна библиотека „Илинден“, Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, како и Советот на млади и Комисијата за еднакви можности..

Како што истакна портпаролот на општината Даниела Такева, хуманитарната кампања има два аспекти.

-Првиот е да се подигне свеста на граѓаните за хендикепот, да се промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби и придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница. Вториот аспект задира во полето на филантропијата и општествената одговорност на фирмите. Овде би истакнала дека филантропските активности на едно претпријатие се, всушност, највидливиот дел од општествено одговорните практики. Поради тоа, тие имаат влијание врз имиџот на претпријатието кое ќе биде препознато во јавноста како некој кој се грижи и вложува во благосостојбата на заедницата во која дејствува, истакна Такева.

Како што информира Александар Николов од Дневниот центар за лица со посебни потреби, во рамки на Неделата на хуманоста ќе се реализираат неколку активности.

-Ќе се одржи ликовна колонија во која активно во творење на ликовните дела ќе бидат вклучени лицата со попреченост и талентираните ученици од делчевските деветолетки, како и нивните професори и ликовниот уметник Петар Атанасов-Пепи. Нивните дела ќе бидат изложени на 3 декември во фоајето од Спомен- домот АСНОМ, и ќе бидат понудени за продажба. Средствата собрани од продажната изложба ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Исто така, македонистите и талентираните млади поети ќе создаваат поезија која, исто така, ќе биде промовирана на 3 декември. Децата од Делчево ќе имаат можност да уживаат во премиерата на детската претстава „Црвенкапа и збунетиот волк“ во изведба на актерите од штипскиот театар. Претставата ќе се одржи в петок на 30 ноември во термините од 11.30 и 12.30 ч. Следна активност која ќе ја организираме наредниот период е спортскиот натпревар во Бочија-заедно ќе се натпреваруваат екипи составени од младите делчевски спортисти и лицата со попреченост во Делчево, информира Николов.

Во Делчево не е непозната формата на донирање, односно општествена одговорност на фирмите. Неодамна фирмата „Брегал“ донираше за потребите на Дневниот центар електрично комбе за превоз на децата со попреченост. Исто така, ова возило ќе биде ставено во функција на сите училишта при организирање еднодневни екскурзии. Додека пред две години во голема хуманитарна акција и со поддршка на швајцарската фирма „Албиро“, партнер на делчевската текстилна фирма „Крзно“, беше набавено комбе за превоз на децата од Дневниот центар во Делчево.

Кампањата Недела на хуманоста – дарувај со љубов од утре започнува со активности!

Posted by delcevo365.mk on Tuesday, November 27, 2018

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*