Пчеларите од Пијанец учеа за нови методи во пчеларството

Балканскиот експерт за пчеларство, Родољуб Живадиновиќ, денес ги едуцираше пчеларите од Пијанец за новите методи во пчеларството преку промоцијата на медот како финален производ. Доктор епидемиолог Живадиновиќ е долгогодишен пчелар и како претседател на Сојузот на пчеларски организации на Србија е автор на повеќе трудови од областа на современото пчеларење. Тој истакна дека поголема цена на квалитетниот пијанечки мед е возможна само преку примена на современи технологии во производството.
 
-Македонија како и Србија има многу поволни природни услови за производство на разни видови на мед. Она што е неопходно е да се примени нов, посовремен метод во оваа област, кој ќе придонесе за поголеми количини и подобар квалитет на мед. Вашиот мед е препознатлив во Европа и се бара и затоа заради подобро организирање на самите пчелари потребно е опремување на лаборатории за тестирање на квалитетот на мед и други пчелни производи. Во исто време примената на современите технологии во производството ќе придонесе за повисока цена на странскиот пазар, истакна Живадиновиќ
 
Според Боге Јанковски, претседателот на здружение на пчелари „Еко Кам Мед’’ кој беше организатор на настанот, годинава производството на мед во Каменичко, бележи пораст во однос на минатите неколку години.
 
-Нашиот производ, медот од Македонска Каменица е се повеќе баран, како на македонскиот, така и на поширокиот пазар. Оваа година беше подобра од минатата година. Ако од едно пчелно семејство минатата година добивавме едвај два до три килограми мед, оваа година производството изнесува 10 килограми по пчелно семејство, рече Јанковски.
 
Здружението „Еко Кам Мед“ брои 70 членови од кои повеќе од половината се млади пчелари, додека зголемен е интересот за пчеларството и од страна на женската популација.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*