Продадени сите уметнички слики од ликовната колонија „Дарувај со љубов“ на денешната aукција за хуманост организирани по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, а во рамките на Деновите на хуманост во Делчево. Собраните средства од аукцијата, како што истакна Александар Николов од Дневниот центар за лица со посебни потреби ќе бидат наменети во хумани цели.
-На аукцијата беа понудени ликовните дела кои беа создадени од уметници со хендикеп како и младите талентирани ученици од двете основни училишта, нивните професори и ликовниот уметник Петар Атанасов-Пепи. Се надеваме дека со оваа ликовна колонија ќе ги анимираме институциите и бизнис секторот да го погледнат сето она што го работиме во рамки на инклузивната програма изработено лично од децата од редовната програма и Дневниот центар, со што се надеваме дека ќе подобриме еден мал дел или аспект од нашето живеење, рече Николов.
Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски кој присуствуваше на настанот, повика на поголема свесност за лицата со попреченост.
-Гледајќи ги овие уметнички творби создавани од рацете на талентираните млади ликовни уметници и лица со хендикепи, не можеме да останеме рамнодушни и да не се запрашаме, што правиме ние за да извлечеме насмевки на лицата и да создадеме услови за нивна интеграција во општеството. Ве повикувам сите присутни да подадеме рака и да даруваме со љубов за да ги надминеме бариерите за овие лица со тоа што ќе ги подобриме условите за престој и работа во Дневниот центар, рече Трајковски.
Активностите во рамки на „Неделата на хуманост“ продолжуват во среда и четврток со спортски настан кој што ќе биде наменет за децата со посебни потреби. Организатор на денешната аукција беше општина Делчево која настанот го реализираше во соработка со здружението „Бравура кооператива“, Совет за млади, Комисија за еднакви можности, воспитно-образовните установи како и институциите во делот на културата од Делчево.
Аукција по повод Неделата на хуманост!
Posted by delcevo365.mk on Monday, December 3, 2018
Leave a Reply