Јубилејно десетто издание на манифестацијата „Вапцарови бранувања“

Во Делчево по јубилеен 10 пат се одржа манифестацијата Вапцарови бранувања, настан кој е во организација на литературно-трибинската дејност при Националната установа Никола Јонков Вапцаров од Делчево. Во рамки на 10 јубилејно издание како што информираше директорот на делчевскиот дом на култура, Методи Толевски, со свои творби се претставија роднокрајни автори од Делчево.
 
-Овој настан е манифестацијата која значи нешто за поезијата во Источна Македонија. Вапцаровите бранувања годинава ќе се одвиваат во два дела. Во првиот дел се реализираше таканаречениот „Вапцаров караван“ во кој проследивме литературно читање за нашиот патрон во изведба на членовите на литературен клуб кој работи во состав на нашиот Дом на култура. Исто така со свои творби се претставија и учениците од деветолетките Ванчо Прке и Св.Климент Охридски, рече Толевски.
 
Додаде дека вториот дел од манифестацијата Вапцарови бранувања ќе се реализира со посета на родното место на поетот Никола Јонков Вапцаров, како и со литературна размена со народното читалиште од Благоевград, Република Бугарија.
 
За учесниците беше задоволство да се учествува на „Вапцаровиот караван“.
 
-За мене поезијата е начин да ги изразам моите чувства, а посебна инспирација ми е патронот Вапцаров, за кој знаеме дека бил храбар борец кој никогаш не се срамел да каже дека има македонско потекло. За жал млад загинал и неговите дела останале инспирација за сите нас, истакна младиот поет Ана Ангеловска.
 
За учество во манифестацијата, ЈЛБ „Илинден“ на младите поети им додели посебни награди, одбрани дела од македонски и странски автори. Вапцаровите бранувања и годинава се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*