Во црквата ,,Успение на Пресвета Богородица” во Делчево рано утрово се служеше Света Божествена литургија по повод Христовото раѓање – Божик. Со поздравот ,,Христос се роди”, упатувајки богопослание за мир и благослов свештениците пред верниците истакна дека Божик е матица на сите други христијански празници, бидејки со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
-Со рождеството на Витлеемскиот богомладенец се објави неповторлива радост за светлина, светлината на разумот и се благослови вистината дека Бог од љубов се роди како човек и како богочовек. Во Синот Божји го видовме образот на совршениот човек и преку него ни се откри смислата на постоењето на човекот и светлината. Токму поради ова наша должност е во секој човек да гледаме со Христовите очи, да покажуваме љубов, да бидеме страдални, да се молиме да помагаме, да ги благословуваме дури и оние што се однесуваат непријателски, но и да се радуваме со Господа и не само во збор да се именуваме како Христијани туку да го покажеме тоа и со нашите дела, беше кажано во обраќањето пред верниците.
На Богослужбата присуствуваа голем број на верници кои се помолија за свое здравје и здравје на своите најблиски.
Синоќа пред Божик, во кругот на семејствата во Делчевско се служеше Бадникова вечера на која се кршеше лепче со паричка. На оние на кои им се падна паричката се верува дека ќе бидат среќни во текот на целата година.
Leave a Reply