Започна чистењето на снежните тротоари во Делчево

Екипи на Јавното претпријатие „Брегалница“ од утрово го чистат снегот кој го зафати подрачјето на Делчево. Според информациите на директорот на претпријатието Стојче Стојковски, се чистат тротоарите и јавните површини од бекатон во централното градско подрчаје и градскиот парк.
 
-Наша надлежност, а со тоа и обврска како претпријатие е да ги чистиме јавните површини како тротоари и површини изградени од бекатон. За таа цел од рано утрово екипи кои се на терен го чистат снегот при што во акцијата со цел полесно чистење на снегот се употребува сол и песок. Со цел да имаме чисти и проодни тротоари, чистењето ќе продолжи се додека траат и врнежите од снег. Наши екипи будно ја следат состојбата на терен и се спремни во секое време да интервенираат, информира Стојковски.
 
Од општина Делчево велат дека се следи состојбата со врнежите. Како што информираат општинските служби, по претходно спроведена тендерска набавка општината има склучено договор со економски оператор за зимското одржување на остантиот дел од улиците и патиштата во градот. Од таму додаваат дека зимското чистење на улиците во градот и општинските патишта се реализира согласно со планот за долгорочно зимско одржување на патиштата и улиците на подрачјето на општина Делчево, каде се предвидени услови и приоритетна листа за одржување на патиштата и улиците. Планот предвидува приоритетна листа на одржување патишта и улици кои кои опфаќаат патишта со асфалтен коловоз од 82,5 км, патишта со коловоз макадам од 42 км и улици со асфалтен коловоз во должина од 38,5 км. Надзор на извршените работи врши Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*