Сатирично-поетска вечер во четврток во Пехчево

Домот на културата ,,Јане Сандански” од Пехчево ги прави последните подготовки за промоција на книгата ,,Трагачи по парадокси” од делчевскиот афористичар Миле Ѓорѓијоски. Како што информира директорката на пехчевскиот Дом на култура, Ана Марија Теохарова, на настанот свое место ќе има и за карикатурата, афоризмот и поезијата.

-Во рамки на настанот кој ќе се одржи на 24 јануари ќе биде промовирана книгата афоризми „Трагачи по парадокси“ од авторот Миле Ѓорѓијоски. Во специјалниот Сатирикон свои афоризми ќе читатат афористичарите Миле Ѓорѓијоски, Ленче Стоименова и Јане Атанасов. Како дел од поетскиот хепенинг со своја поезија ќе се претстават поетесите Габриела Костадинова и Христина Деолска, информира Теохарова.

Книгата „Трагачи по парадокси“ е книга која на 300 страници донесува над 2.000 афоризми од 28 афористичари од Европа.

-Оваа книга досега ја имаме промовирано во Виница, на фестивалот „Ин Виница Веритас“, во Белград на тамошниот Саем на книгата, во Кичево и во Темишвар, Романија. Пехчево е петтиот град во кој со посебно задоволство, в четврток, ќе го промовираме ова ретко дело од областа на сатирата, а моето задоволство е посебно зашто цел ни е во секој град во нашиот регион да имаме ваква промоција“, вели сатиричарот Миле Ѓорѓијоски.

Во рамките на овој настан планирана е и ликовна изложба на карикатури кои беа составен дел од минатогодишниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница Веритас“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*