Во Делчево и М.Каменица започнува пријавувањето за набавка на огревно дрво

Јавното претпријатие Македонски Шуми, подружница „Голак“ Делчево започнува со склучување договори со заинтересирани правни и физички лица кои од подружицата ќе набавуваат огревно дрво за грејната сезона 2019/20. Како што информираше директорот на делчевската подружница, Љупчо Петровски, минатата година до жителите од Делчево и Македонска Каменица се испорачани 30 илјади метри кубни дрва, од кои 10 илјади се набавени преку делчевската подружница на Македонски шуми.
 
-За да не се повтори ланската слика и да нема доцнење во испораката на огревно дрво, како Подружница на Македонски шуми од Делчево ги известуваме граѓаните дека од утре 6 февруари можат да достават барања за склучување договор за испорака на огревно дрво за грејната сезона 2019/20. Договори ќе се склучуваат со правните и физички лица од територијата на Делчево и Македонска Каменица кои ќе ги достават потребните документи до нашата подружница. За деталите и начинот на испорака и потребната документација граѓаните можат се обратат до нашата подружница, од каде детално ќе ги добијат сите потребни информации ,вели Петровски.
 
Дополнува дека огласот предвидува плаќање на договореното огревно дрво на осум рати за физички лица кои припаѓаат на ранливите категории, инвалиди и пензионери, а останатите на пет рати.
 
Цената на огревното дрво и оваа година останува иста. За кубик дабово дрво граѓаните и годинава ќе треба да издвојат 2970 денари, додека 2.870 денари ќе ги чини кубик буково дрво од прва класа. Секоја година поради бесправна сеча на дрва и несоодветни документи во рамките на спроведените акции за фаќање на дрвокрадци на територијата на Делчево и Каменица се одземаат по околу 100 метри кубни дрва.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*