Регионално: Младите од Берово со поддршка на кампањата за користење безбеден интернет

Во насока на поддршка на кампањата за користење безбеден интернет, во Берово се организираше работилница на која со свои креативни идеи активно учество зедоа млади од повеќе возрасни категории од беровските воспитно-образовни установи.
 
Како што информираа од воспитно-образовните установи во Берово, целта на кампањата е да се создаде побезбеден интернет помеѓу помладата популација.
 
-Оваа кампања се стреми да допре до децата, младите, родителите, наставниците и пошироко за да се поттикне секој да го одигра својот дел во создавањето на подобар интернет. Идејата е секој ученик но и повозрасен граѓанин да се мотивира, да ја користи технологијата одговорно и со почит како и да размислува критички и креативно, велат дел од учесниците во активноста.
 
Со работилницата како што дополнија оттаму биле опфатени 3 категории на лица меѓу кои деца од 8 до 10 годишна возраст, тинејџери од 14 до 15 годишна возраст и возрасни граѓани на возраст од 25 и повеќе години.
 
Слоганот на годинешната кампања е ,,Заедно за подобар интернет” и истата има за цел да ги охрабри сите да се придружат на движењето, да учествуваат и максимално да го искористат потенцијалот на интернетот со цел зближување на луѓето.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*