Регионално: Пехчево подготвува интегриран план за локален развој

Во Пехчево се одржа првиот работен состанок во рамки на процесот за Интегрирано планирање на локалниот развој на кој присуствуваа повеќе целни групи од општината. Како што информираше пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски, интегрираното планирање на локалниот развој во Пехчево ќе претставува заедничка платформа која ќе ги обедини јавниот, приватниот и невладиниот сектор во заедничка акција за севкупен локален развој, ставајќи акцент на реализација на приоритетни проекти за економскиот развој на општината.
 
-Неопходноста од овој состанок со повеќе целни групи од општината за изработка на еден документ за планирање на локалниот развој во општината со приоритетни проекти на жителите на општината е од огромна важност. Целта ни е да се идентификуваат клучните проблеми со кои се соочуваат жителите на општина Пехчево и повеќегодишно да ги определиме генералните насоки за развојот на општината. Сметаме дека целиот процес ќе помогне за подобрување на животот на сите граѓани, затоа што ќе се работи за пронаоѓање на институционален начин како да се надминат сите предизвици на локално ниво, истакна Тренчовски.
 
Додава дека со вклучување на сите важни чинители во заедницата,општина Пехчево заеднички ќе се создаде можност директно да се посочат најприоритетните проекти и да бидат ставени во документ кој ќе обврзува подобрување на животот на граѓаните, услугите кон нив, но и подобрување на бизнис климата на локално ниво.
 
Интегралниот план за локален развој се имплементира од страна на УНДП, а ќе биде финансиран со средства од Европска Унија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*