Турците од Делчевско ја негуваат македонската култура во Измир

Сеќавањата за родниот крај и времето од детството кое останало врежано во меморијата на Македонците од Турција кои до 50-тите години од минатиот век живееле на овие простори е она што секоја година ги враќа во родните огништа.

Најчесто доаѓаат на лето, а времето го користат за да се видат со пријателите и малкуте семејства кои останале да живеат во Македонија. Во регионот на Пијанец, население со турска националност се уште има во неколку села, меѓу кои најмногубројни се во пехчевското село Црник, а во сосем мал број живеат и во делчевското село Град.

Еден од оние чии родители се родени во село Град, е и Музафер Ѓоктуна, човек кој во Делчево досега доаѓал три пати.

-Мојата мајка и мојот татко тука се родени, јас сум роден во Турција. Досега имам доаѓано трипати, имам овде пријатели, но роднините кои потекнуваат од село Град живеат во Турција. Јас живеам во Измир каде што имаме посебни маала според тоа кој од кој крај во Македонија потекнува, вели Ѓоктуна.

Турците од Делчевско сеуште ја негуваат македонската култура во Измир!

Posted by delcevo365.mk on петок, 2 Март 2018

Музафер чие крстено име е Алија, вели дека кога доаѓа овде се чувствува како во рај:

-Мене овде ми е како рај, кога одам во село Град од кајшто се старите, зборуваме многу за некогашното време, пееме песни, едноставно душата ми се исполнува, вели Ѓоктуна. На времето тие биле соседи на моите родители, добри луѓе се, додава Ѓоктуна.

Музафер Ѓоктуна заедно со Тони и Ливанта Стоичови по потекло од село Град на прошетка во Измир

Во Измир како што вели Ѓоктуна се уште се негува овдешната култура, а посебно македонската музика без која не може да се замисли ниту една свеченост.

-Во Турција можеби ќе ви биде чудно, но ние на свадби и други свечености исклучиво пееме и свириме македонски песни и ора. Јас добро владеам со тапан и ги знам речиси сите свадбарски македонски песни, вели чичко Музафер.

Ѓоктуна и Ферус Мустафов
Музафер заедно со Џамбо Агушев

За да не си ги заборават своите корени, од 2014 година македонските иселеници во Турција имаат можност да го учат мајчиниот јазик.

Паралелки на македонски јазик има во Измир, Ајдин, Маниса и Јеникент, а часовите ги води професорка од Македонија. Оваа новина беше воведена на иницијатива на македонската амбасада во Турција.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*