Заседава локалниот координативен штаб за управување со кризи по серијата пожари во Делчево

Пожарите кои викендов беа активни на територијата на Општина Делчево кај месноста Попов Мост и во атарот кај село Тработивиште го вклучија алармот за вонредно активирање на системот за управување со кризи на територијата на Општина Делчево. Согласно со насоките дадени од 11.Седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи свикан е итен состанок на Локалниот координативен штаб, при што ќе бидат согледани актуелните состојби со пожарите, како и подготвеноста за ставање во функција на сите персонални, материјално-технички и оперативни ресурси во Општина Делчево.
Како што истакна Кире Цоневски, соработник за превенција за заштита и спасување во Општина Делчево, последните два големи пожари на територијата на Општина Делчево, придонесоа вонредно да се активираат мерките од системот за справување со пожари на отворено и шумски пожари.
-Очекуваме од состанокот да произлезат конкретни мерки, насоки и активности за превентивно делување на терен, а со цел спречување на евентуална појава на нови пожари. Сакам да истакнам дека месецот март не е карактеристичен за појава на оваа елементарна појава, затоа мора сите поединечно и институционално да го дадеме својот придонес, за да превенираме големи материјални и еколошки последици. Во таа смисла општина Делчево апелира до граѓаните да не пали оган на отворено, посебно стрништа со напомена дека согласно казнените одредби за сторителите предвидени во законите кои ја третираат оваа проблематика, казните се огромни рече Цоневски.
Пожарите кои викендов беснееја во Делчевско зафатија околу 50 хектари површина при што изгоре борова шума, овошни насади, багрем,нискостеблеста деградирана шума која е во приватна, но и државна сопственост.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*