Убавите моменти на македонско-турското пријателство!

Село Град е село кое е познато по тоа што овде на времето живееле Македонци Муслимани кои некаде во 50 години од минатиот век се иселени. Но не само во село Град туку и во неколку други села приказната е иста. Тоа се Македонци кои често доаѓаат во посета на родните огништа на нивните прадедовци и се дружат со луѓето кои најчесто ги запознале преку патувањето на нашата делегација во Турција во рамки на гостувањата на нашите културно-уметнички друштва на тамошните фестивали.

Во делчевското село Град се уште доаѓаат македонски муслимани чии корени потекнуваат од ова село

Во домот на Ѓорѓи Џабирски од село Град, често доаѓаат гости од Турција

Еден од луѓето кој често има патувано за Турција и притоа има запознаено многу Македонци Муслимани со потекло од Делчевско е Ѓорѓи Џабирски од село Град. Токму во неговиот дом го затекнавме со неговите пријатели од Турција, кои ги запознал преку луѓето кои потекнуваат од овде. Го запршавме за многу нешта, како се запознале, каков е нивниот менталитет, како ја доживуваат родната земја на нивните прадедовци, како го пречекуваат кога тој оди во Измир.

Како дојде до пријателство помеѓу вас и луѓето од Турција?

-Со моето вработување во центарот за култура воспоставив контакти со доста луѓе од Делчево кои се иселени посебно во Чандеби, каде ги има во мнозинство. Тие контакти траат добри 5 години, од соработки на највисоко ниво кои потоа прераснаа во големи пријателство. Најубаво чувство од тие пријателства е кога ги гледаме со која нивна емоција доаѓаат во домовите каде биле нивните прадедовци и колку се расположени да се дружат со нас. Еве сега во моментот кај мене на гости се луѓе кои имаат свои бизниси во Турција и кои сакаат да  поттикнат заедничка соработка помеѓу луѓето од Делчево и Измир. Тие се расположени за инвестирање овде во делот на земјоделството со што сметаат дека ќе ја подигнат локалната економија на едно повисоко ниво. Но, пак ќе се навратам на дружбата. Како што кажав често имаме такви средби, ние одиме во Измир тие доаѓаат. Тие се воодушевени што доаѓаат во родното огниште на нивните прадедовци. Доаѓаат луѓе кои се правнуци на некои луѓе што се иселени од тука и кога ќе ги видат куќите на нивните прадедовци знаат да пуштат по некоја солза. Се јавува таква носталгија што тешко може да се опише.

delcevo365.mk: Како се чувствувате кога вие одите во нивна посета во Турција?

Ѓорѓи Џабирски: Кога прв пат бев во Турција , бев со резерва таму. Но, таму кога на луѓето ќе им кажеш дека си од село Град Делчево, ќе се прошири прикаската дека има луѓе од село Град, па ќе дојдат околу 100 луѓе кои ќе сакаат да те запознаат, да те примат дома, да те поканат на кафе или на ручек. Иако отприлика седум дена престојуваме во Турција, тоа време е малку за да се испочитуваат сите луѓе кои се интересираат за тоа дека дошол човек кој потекнува од местото од каде потекнуваат нивните дедовци и прадедовци. За да ги испочитуваш сите тие луѓе се потребни 3 месеци. Но бидејки времето е кратко и ние ги каниме тие да дојдат во Делчево и морам да кажам дека ми е мило што почесто доаѓаат тука. Ние одиме по еднаш, додека среќен сум што тие доаѓаат по 10 пати во текот на годината и се чести гости. Тоа ме радува, а особено ме радува што се интересираат за корените на нивните прадедовци, кој од кое село потекнува, каде била куќата на нивниот прадедо. Нивната носталгија во тој поглед не се опишува со зборови.

delcevo365.mk: Имаме сознанија дека таму практично постојат имиња на улици соодветни на местата од каде потекнуваат луѓето кои порано живееле овде!?!

Џабирски: Тие имаат таму улица која се вика Градска, Виречка, Ѕвегорска и други и освен тоа често се собираат во чајџилници, а посебно е позната чајџилницата на Ага Ќамил. Таму секојдневно имаат средби од 10 сабајле до 10 навечер. Цело време се дружат меѓусебе и од она што го видов додека бев таму можам да кажам дека имаат некое посебно чувство, дека се посебни луѓе со едно посебно потекло. Тие секој пат велат „Ние Македонците“. Тоа се посебни чувства, особено кога ќе дојдат тука и ќе почнат да разговараат за родните огништа и притоа ќе им потечат солзи, тоа е нешто што не може да се опише со зборови.

Зајакнување на соработката меѓу Македонија и Турција

Откако го завршивме разговорот со домаќинот ги запрашавме и гостите, кои се, од каде доаѓаат, како дошло до пријателството со Ѓорѓи. Какви им се плановите за бизнис во Делчево? Како се чувствуваат во Делчево. Најпрвин поразговаравме со госпоѓа Anıl Sünel, таа заедно со нејзиниот сопруг Tolga Sünel се и заеднички партнери во нивниот бизнис, имаат заедничка фирма во Унгарија и Турција, додека со нив беше и нивниот долгогодишен пријател, инаку бизнисмен Ali Akça. Со госпоѓа Anıl Sünel поразговаравме на Англиски јазик, но во вакви разговори, нормално е што дел од одговорите ги слушнавме и на нејзиниот мајчин јазик.

 delcevo365.mk: Дали прв пат доаѓате во Делчево и како се чувствувате

Anıl Sünel: Јас доаѓам од Измир и јас имам компанија во Унгарија и Турција, мојот сопруг е и мој бизнис партнер. Со нас е и мојот пријател Али Акча кој ми е другар веќе 26 години, тој е газда на Борнфуд во Турција. Требаше да одиме во Унгарија, па потоа во Македонија и решивме да одиме со автомобил. Завчера бевме во Будимпешта беше многу густ сообраќај, па се вративме во Македонија. Прво бевме во Штип се видовме со газдата на Ваго Хотел, а потоа дојдовме во Делчево. Се видовме со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. Бевме на заедничка вечера со професорот Слободан Илиоски, сега заено со Џесо Демиров сме во домот на Ѓорѓи Џабирски и многу добро си поминавме, домаќините се многу љубезни. 

Продлабочување на соработката меѓу Делчево и Борнова

delcevo365.mk: Се сретнавте со градоначалникот на општина Делчево, во која област ја гледате соработката?

Али Акча: Сакаме да соработуваме со Македонија, сакаме да ја подигнеме економијата на едно повисоко ниво. Затоа прво се сретнавме со бизнисменот Ване од Штип кој  е сопственик на Ваго Хотел, имавме средба и со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. Можам да се заблагодарам на нив, вашиот градоначалник добро не пречека и се чувствував како дома. Исто сакам да се заблагодарам на Ѓорѓи Џабирски и семејството како и на пријателот Џесо. Сметам дека ние сме два народи кои можат да соработуваат. Пред 6 месеци го посетивме градоначалникот и враќајки се во Турција размислувавме на кој начин може да соработуваме. Тој бараше начин како да се продлабочи соработката во делот на увоз и извоз на земјоделски производи. Навистина се чувствуваме како дома, во Скопје, во Штип во Делчево, сегде каде бевме луѓето се љубезни, насмеани, навистина сакаме да се заблагодариме за се.

За цело време на разговорот гостите од Турција се заблагодаруваа за сите прекрасни моменти поминати овде за време на нивниот престој најавувајки дека соработката ќе продолжи.

Погледнете дел од разговорот со гостите од Турција.

Турците со македонски корени се почести гости во Делчево

Posted by delcevo365.mk on Sunday, March 17, 2019

 

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*