Доделени дипломите за првите пица-мајстори кои посетуваа обука во М.Каменица

Првите кандидати кои посетуваа обуки за пица-мајстори, денес ги добија дипломите од страна на еден од најдобрите пица-мајстори во Македонија, Зоран Јовановски кој пред еден месец во родната Македонска Каменица го отвори првото училиште за пица-мајстори. Како помина обуката, дали кандидатите ги исполнија очекувањата на Јовановски и што ќе значат сертификатите за самите кандидати, во продолжение ќе ни раскаже сопственикот на една од најубавите пицерии La cucina Pizzeria Napoletana.

delcevo365.mk: Кој се може да посетува обука во вашето училиште и на која возраст се првите кандидати?

Зоран Јовановски: Училиштето започна со работа пред една недела, веќе ги имаме првите изработувачи на пици кои  се скоро обучени, тие веќе се при крај со курсевите. Како што може да видите имаме младост, дете од 15 години и еден господин од околу 40 години. Како што кажав и претходно ова училиште е отворено за секого, нема граници секој еден кој се чувствува дека сака да научи да прави пици, може да се пријави кај нас и е добредојден.

delcevo365.mk: Во што се состојат обуките?

Зоран Јовановски: Најпрво почнуваме со теоретскиот дел, изучуваме се за брашно, за квасец, за температура на печење, за печки и сите тие работи. Потоа учиме како се меси тестото, еден ден работиме како се меси тестото, следниот ден работиме како се отвора тестото, потоа како се отвора пицата, па се запознаваме со начинот на ставање на доматниот сос и сите други состојки и на крајот доаѓа обуката за тоа  како се пече пицата.

delcevo365.mk: Како сте задоволни од самите кандидатите?

Зоран Јовановски: Јас сум многу изненаден и многу задоволен од моите први двајца пица-мајстори, они веќе ќе бидат и првите дипломирани пица-мајстори во Македонија, Горан Петковски од Битола, дојде специјално во нашиот крај веќе една недела престојува во Македонска Каменица и го изучува овој занает и Андреј Лазаревски од Македонска Каменица, едно многу фино и културно дете кое ме запрепасти со својот интерес и се надевам дека ќе ги поттикне и останатите млади од кај нас да се пријават и да го изучат овој занает.

delcevo365.mk: Денес примивте една мошне значајна вест која сигурно ќе сакате да споделите со јавноста!

Зоран Јовановски: Денес и официјално станав член на Гастромак, една од најголемите кулинарски организации кај нас која организира натпревари во Македонија. Заедно со нивните кувари сега и јас ќе учествувам на натпревари како овде така и во странство. Токму по денешниот разговор со претставниците на Гастромак добив идеја да го пријавам и Андреј за натпреварот во Охрид за пица-масјтор, но се надевам дека ќе има и други кандидати.

delcevo365.mk: Денес двајцата кандидати ги добија своите дипломи. Што ќе значи ова за самите нив?

Зоран Јовановски: Тие ќе добијат сертификат од Италија, значи ние сме застапници за италијанската пица-академија, па затоа тие ќе добијат интернационални признанија кои се признаени секаде во светот. Тоа за нив ќе значи дека се дипломирани пица-мајстори, ќе имаат можност за вработување било каде, бидејки тој сертификат е признаен и како што кажав интернационално и како што може да видите тие прават прекрасни пици и јас сум задоволен од нив.

Ги запрашавме и самите кандидати што за нив значат овие неколкудневни обуки

delcevo365.mk: Да ни се претставите и да ни кажете како е чувството после една недела да се успее да се изучи занаетот?

Горан Петковски: Јас сум Горан Петковски, доаѓам од Битола и како моја долгогодишна неостварена желба, сега ми се јави прилика да се унапредам во моето аматерско готвење. Благодарение на господинот Зоран, со неговата идеја да отвори овде едно училиште во нашата земја ја искористив шансата за мое прво лично да речам професионално стекнување со диплома.

delcevo365.mk: Што точно научивте во рамки на овие обуки?

Горан Петковски: Иако имав некое претходно аматерско домашно познавање, овде добив една наобразба од тоа кој тип на брашно се користи, од количини до состав и изработка во зависност од временски услови, од самата потреба на самата пицерија, па до изработка и созревање на тестото, правењето на самата пица и печењето. Значи комплетно една едукација, која за наша среќа, имаме можност од сега натаму да ја добиеме во Македонија.

delcevo365.mk: Kако понатаму ќе го искористите знаењето?

Горан Петковски: Па да ви кажам право, не сум планирал никогаш како за професионално да го користам, меѓутоа сега добив некои идеи, бидејки веќе се стекнав со една наобразба која мислам дека може да се искористи понатаму во животот.

delcevo365.mk: Андреј, кажи ни нешто за себе, кое одделение си и од каде желбата да правиш пици?

Андреј Лазаревски: Јас сум деветто одееление, јас долго време во домашни услови правам како пици така и други работи, а сега благодарение на господинот Зоран, имаме можност да учиме и школа за оваа работа и понатаму да можеме и професионално да се занимаваме со правење пици.

delcevo365.mk: Што ќе им порачаш на твоите врсници?

Андреј Лазаревски: Јас ќе им порачам да пробаат. Јас сум задоволен од тоа што го научив досега, мислам дека занаетот е прилично лесен, но секое искуство е посебна приказна, бидејки на секој различно му одат овие работи.

delcevo365.mk: Дали ќе продолжиш во техничко-прехранвена струка во средното образование?

Андреј Лазаревски: Не знам, уште не сум размислувал.

Во продолжение погледнете го целиот разговор и доделувањето на дипломите на првите пица-мајстори кои се дел од итачлијанската академија чиј претставник за Македонија е повратникот Зоран Јовановски.

Доделени првите дипломи за пица-мајсторите кои посетуваа курсеви во М.Каменица.

Доделени првите дипломи за пица-мајсторите кои посетуваа курсеви во М.Каменица.

Posted by delcevo365.mk on Thursday, March 28, 2019

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*