Црквите во делчевско низ годините и денес

Почнувањето на градежните работи за изградба на соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ беше поводот да направиме разговор со протојереј Александар Васев, свештено лице во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од кој побаравме да ни каже нешто повеќе за историјатот на самите цркви во делчевско, како и за активностите кои низ годините доведоа нашите цркви да бидат пристојно катче за верниците од православна веросиповест.
delcevo365.mk: Во Делчево има повеќе цркви. Која е најстарата?
 
Протоереј Александар Васев: Најстарата црква во градот Делчево е посветена на „Успение на Пресвета Богородица“. Нејзината градба или нејзиното пуштање во употреба датира од 1856 година. Освен старата црква во поново време комплетно е реновиран манстирскиот комплекс Балаклија, кој што сега може да функционира како целосен комплекс, освен двете манастирчиња, горното посветено на „Покров на Пресвета Богородица“ и долното посветено на „Источен Петок Балаклија“.  Тоа е манастир разубавен со прекрасни конаци, уредени чешми, дворови, летниковци и слично. Имаме уште една црква, гробјанска црква, која што е посветена на раѓањето на „Пресвета Богородица“. Првото училиште во Царево Село било во црковниот двор, тоа е на самиот влез од дворот во црквата на левата страна, зградата која и ден денес постои и која што еве веќе две години функционира како црковно училиште. Станува збор за црковно јазично училиште, во кое што се изучува германскиот и англискиот јазик, а исто така во тие простории се одржуваат и пробите за хор за возрасни и за деца. Црковниот двор на црквата беше уреден пред 10 години, целосно обграден со летна бина, со детско катче и камбанарија која е изградена со дневна трпезарија за пречек на верниците за нивните потреби и дежурство на свештениците. Светото крштевање претходно се одржуваше во други услови, кршетевната просторија не беше уредена, додека сега таа просторија е фрескописана. Откако пред некое време зградата на црковното школо која беше во доста лоши услови, со помош на локалното население беше препокриена и внатрешно уредена, сега се прави нов зафат за надворешно уредување со олуци, стреи и со фасада. Црквата „Света Богородица“ претрпе и едно реновирање, санирање или поправање, со кое се задржа духот на тоа што го правеле нашите предци, патосот остана ист, имаше едно обновување едно освежување.
delcevo365.mk: Во моментот се работи на доизградба на соборниот храм Св.Кирил и Методиј во Делчево, Кажете ни до кога граѓаните можат да очекуваат црквата Св.Кирил и Методиј да биде завршена надворешно?
 
Протоереј Александар Васев: Пред некое време се почна Црквата „Св.Наум Охридски“ која што е во склоп на црквата „Св.Кирил и Методиј“ која е осветена од нашиот Митрополит Брегалнички г.Иларион. Знаете дека општина Делчево пред неколку години денот посветен на сесловенските браќа Св.Кирил и Методиј по иницијатива на неговото високо преосвештенство митрополитот Брегалнички Господин Иларион го прогласи за патрон на градот. Соборната црква „Св.Кирил и Методиј“ е местото каде се одбележува тој датум  и како што спомнав благодарение на нашиот Митрополит Брегалнички господин Иларион и започна да се гради тој храм, кој како соборен храм долго време не се осмелувавме ниту ние, ниту некој друг да почне со негово довршување, бидејки е еден од најголемите храмови во Македонија. Еве сега со наши и странски донации и со застапништво на општината, благодарение на градоначалникот Горан Трајковски и нашиот сограѓанин Венци Димитровски, се започна со доизградба на храмот, полека се придвижуваат работите и се започна со доуредување и довршување, со што очекуваме црквата, како што велиме ние во стилот на карабина да биде завршена. Во моментот се работи на фасадната конструкција на црквата, очекуваме кровната конструкција да биде завршена, а притоа црквата да го задржи постоечкиот облик и лик, со што заедно со црквата „Св.Наум Охридски“ ќе бидат како една целина. Потоа ќе следи поставување на крстови на црквата и досредување на столаријата и затворање со врати.
delcevo365.mk: Во околината на Делчево исто така имаше повеќе активности и од страна на поединци и од страна на црквата како за изградба на нови црковни објекти, така и во делот на обнова и реконструкција на постоечките!
 
Протоереј Александар Васев: Точно, имаше повеќе активности кои започнаа најпрвин со изградба на параклис, мала црква во која можат да влезат двајца луѓе на граничниот премин, црква посветена на „Св.Матеј“ кој е заштитник на царинарците. Во Делчево исто така се направи параклис на темелите на старата црква кај гимназијата, која што била некогаш изградена до степен на карабина, но не била осветена. Над темелите на олтарскиот дел кои беа пронајдени кога се правеше оградата на средното училиште во Делчево, на истиот тој дел се осветија темели и се подигна храм посветен на „Св.Климент Охридски“ кој беше осветен од страна на Митрополит Брегалнички г.Иларион. Во село Габрово, село кое што брои негде околу 180 – 190 куќи, немаше никакво православно обележје, а поради тоа што во таму живее православно население, се започна иницијатива, најпрвин за оформување црковно-градежен иницијативен одбор, кој пред десетина години ја започна изградбата на црквата „Св.Димитриј“. Црквата во овој момент е подготвена за осветување и оваа година на 4 август треба да се изврши нејизното осветување. Во село Ѕвегор покрај манастирскиот комплекс „Свети Илија“, се започна изградбата на црквата во чест на „Св.Јован Крстител“, црква која е изградена и внатре во нејзе на долниот дел треба да има трпезарија, магацин и соба за крштевки. Горниот дел на самата црква посветена на „Св.Јован Крстител“, веќе е во крајна фаза, бидејки иконостасот е завршен и поставен во црквата, исто како и владичниот трон и централната икона.
delcevo365.mk: Рековте има повеќе места каде живее православно христијаснко население а немаше црковен објект кој луѓето ќе можат да го посетуваат!
 
Проетоереј Александар Васев: Да токму така, едно од местата каде немаше таков црковен објект е и село Киселица. Во село Киселица со сопствени средства православно семејство ја започна изградбата на црквата посветена на Свети Ѓорѓи. Истата е завршена и е во крајна фаза на спремање, и таму полека се придвижуваат работите за нејзино осветување. Исто така и село Стамер беше едно од селата кое немаше свое црковно обележје. Немаше црква каде верниците ќе можат да ги чествуваат празниците. По иницијатива на селани започна изградба на нов храм посветен на светиот пророк „Еремиј“ и за релативно краток период истиот беше осветен и изграден како и пуштен во употреба со света литургија со која чиноначалствуваше неговото високо преосвештенство Митрополит Брегалнички г.Иларион. Во село Град црквата е посветена на „Свети Великомаченик Ѓорѓи“. Оваа црква беше реновирана, како надворешно така и внатрешно, истата беше преосветена од Митрополит г.Иларион, а воедно беше уредено и дворното место. Исто така во село Град се започна црква во чест на „Св.Архангел Михаил“ која што треба да служи како гробјанска црква. Истата е изградена и осветена, остануваат уште неколку ситници за да биде пуштена во употреба.
delcevo365.mk: Што е со црквата во Разловци и таму низ годините доста се работеше?!
 
Протоереј Александар Васев: Најпрвин да спомнам, дека во село Вирче во последната деценија имаше зафат на дворот во црквата кој што беше целосно реновирана. Таму беше реновирана и оградата, а беа направени и стази во самата црква. Во село Тработивиште изградена е од темел комплетна крштевна црковна зграда која исто е осветена и пуштена во употреба. Во село Стар Истевник, црквата Св.Никола претпре една обнова и истата во 2018 година беше преосветена од неговото високо преосвештенство Митрополитот Брегалнички г.Иларион. Што се однесува до селото Разловци и црквата „Св.Цар Константин и Царица Елена“, исто и таа црква од нашиот митрополит Брегалнички г.Иларион беше преосветена, се работеше внатре во црквата, во црковниот двор, од стази до уредување на модерни тоалети, Внатрешно самата црква беше комплетно средена, од обновени и санирани подови па се до целата дрвна конструкција внатре во црквата. Да спомнам дека и во село Бигла на иницијатива на мештаните се започна исто така со изградба на нова црква. Црквата во овој момент е изградена до поставувањето на кровната конструкција. Во село Драмче кај црквата посветена на Св.Архангел Михаил се изгарадија простории т.е трем, каде верниците за време на чествувањето на празникот ќе може да се засолнат од временски неприлики, а исто така во рамки на објектот е покриен и простор за кујната каде се приготвува храната и потоа се служи за време на одбележување на празникот посветен на „Св.Архангел Михаил“.
delcevo365.mk: На иницијатива на наш сограѓанин започна да се гради црковен комплекс на Голак. За каква црква станува збор?
 
Протоереј Алексанадар Васев: На Голак, на место кое им е познато на луѓето од повеќе општини и кое од секогаш е посетувано од луѓе од повеќе општини, не само од жителите на Делчево туку и од луѓе од Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Виница, Кочани и од нивните околии, се започна дел од планиран комплекс посветен на „Св.Великомаченик Пантелејмон“, црква која ќе биде градена како некогашните наши храмови во ист стил, целата ќе биде градена од камен. Осветувањето на камен темелникот на оваа црква минатата година го изврши Митрополит Брегалнички г.Иларион. Во нејзе во дворот е планирано да има камбанарија со крштевна просторија во самата камбанарија, треба да има трпезарија со конаци и пречистителна станица. Ова е еден од поголемите зафати во последните години забележан на Голак.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*