Продолжува соработката помеѓу гимназиите „Полјане“ од Љубљана и „М.М.Брицо“ од Делчево

Група од 18 ученици заедно со нивните наставници од гимназијата „Полјане“ од Словенија, во наредните 8 дена во Делчево ќе разменуваат искуства со своите врсници и колеги од збратимената гимназија „Методи Митевски – Брицо“. Групата од Словенија посетата ја започна со прием во кабинетот на делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.
 
-Како градоначалник се залагам да се прошируваат видиците на нашите ученици, да стекнуваат нови искуства и пријателства, да комуницираат со свои врсници од сите страни на светот и да се восприемаат иновативни методи кои ќе придонесат за нов квалитет во образовниот процес. Давам несебична поддршка на овие проекти и во таа насока се и сите мерки кои ги преземаме како општина во областа на образованието, истакна Трајковски.
 
Професорите од Љубљана, Среќко Згага и Франц Јакмиќ, веруваат дека соработката меѓу двете гимназии ќе прерасне во традиција.
 
-Нашата гимназија има традиција во организација на вакви соработки и горди сме што успеавме да оствариме соработка со училиште од Македонија. Целта е да се разменувата искуства, да се подобрат познавањата на јазикот, да се запознаат со друг начин на живеење, да се запознае нова култура, да се поврзат две држави, рече Згага.

Во рамките на посетата е предвидена посета на музејот и на други културно-историски споменици на градот, промоција на македонски филм во кино салата, тематски презентации во гимназијата по македонски јазик, географија, историја, следење на настава во делчевската гимназија, како и посета на Крушево, Скопје, прошетка на планината Голак и на индустриските комбинати „Фротирка“ и „Крзно“.

Соработката меѓу двете училишта започна пред два месеци, кога група средошколци од Делчево престојуваа на еднонеделна посета на гимназијата „Полјане“ во Љубљана. Најавите од двете училишта се дека соработката ќе остане традиционална. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*