Интервју со Аксел Ахмедовски – претседател на ПДПР

Деновиве се формираше новиот политички репрезент на Ромите од источна Македонија, Партијата за демократски просперитет на Ромите чие седиште е во Делчево. Претседател на партијата е поранешниот министер без ресор Аксел Ахмедовски со кој поразговаравме за иницијативата за формирање на партијата, за неговото искуство како министер без ресор и за она на што ќе се фокусира како претставник на неодамна формираната партија.

delcevo365.mk: Како произлезе иницијативата за формирањето на новата политичка Партија за демократски просперитет на Ромите?

Ахмедовски: После завршувањето на мојот мандат како министер без ресор произлезе иницијатива за нов правен субјект кој ќе работи во интерес на ромската заедница. Иницијативата за формирање на оваа партија произлезе во месец јануари, по што се одржа основачко собрание во месец февруари. По основачкото собрание се заврши административната постапка за регистрација на партијата. Соберени се потребен број на државјанства и на потписи, поднесено е барање за упис во регистерот на политички партии во основниот суд во Штип. Основен суд Штип донесе решение овој месец со кое веќе активно сме вклучени во регистерот на политички партии, така да оваа партија можеме слободно можеме да кажеме дека ќе биде конкурентна во политичката јавност во напата држава.

delcevo365.mk: Имавте прва седница на централниот и извршниот одбор која се одржа вчера во Кочани. Што се разговараше на таа средба?

Ахмедовски: Во текот на вчерашниот ден во Кочани ја одржавме првата седница на централниот и на извшрниот одбор, на кој се донесени повеќе одлуки за поефикасно функционирање на партијата, меѓутоа една од основните одлуки која беше донесена на седницата беше завземањето на ставот околу претстојните претседателски избори. Нели сега сме во тек на кампањата за претседателските избори, а ние како политичка партија, бидејки сме новоформирана немаме свој кандидат и не сме во коалиција со ниту една од политичките партии кои што имаат свои кандидати за претседател на државата. Вчера го повикавме нашето членство, нашите симпатизери, па и нашите граѓани да излезат на претстојните избори да го дадат својот глас за оној кандидат за кој сметаат дека најдобро ќе ги застапува и претставува не само ромските интереси, туку и интересите на сите граѓани во Македонија.

delcevo365.mk: За што ќе се залагате како партија, што е она што најмногу го бара членството како правец на делување?

Ахмедовски: Јас повеќе пати имам кажано дека оваа партија ќе мора да се разликува од претходните партии затоа што знаеме дека, а и неоспорен факт е дека овие ромски политички партии во изминатите години не успеаа да се наметнат како релевантен фактор во ромската заедница, бидејки не успеаа, дали од незнаење или од несакање да ги искористат сите можности кои ги пружа државата и меѓународниот фактор за подобрување на состојбата на ромската заедница во сите области. Што се однесува до тоа на кој начин ние ќе работиме, сакам да и укажам на јавноста дека ние ќе ја презентираме и шириме слободата како и правата на ромската заедница по непосредни контакти на терен. Значи ние ќе бидеме едноставно рефлексија на барањата на нашата заедница. Нашата програма е тесно поврзана со стратегијата за Роми 2014-2020, каде има повеќе програмски цели и задачи, меѓутоа фокусот на нашето делување ќе биде домувањето. Сметаме дека домувањето е еден од основните и најгорливите проблеми со кои се соочува ромската заедница, а тоа дополнително го утврдив и од моето министерување до пред некој месец во Владата, така да сметам дека доколку успееме да ја подобриме до некој степен инфраструктурата или така речено домувањето, на тој начин ќе успееме да ги подобриме и другите права кои треба да ги ужива ромската заедница и кои ќе дојдат до израз.

delcevo365.mk: Какво искуство беше за вас Министерството без ресор каде бевте министер?

Ахмедовски: Морам да ви кажам дека беше чест да бидам министер во Владата на РМ и знам дека оваа функција ја прифатив да ја работам чесно и искрено, со чесни намери. Меѓутоа се појавија некои недоразбирања од претседателот на партијата од која бев предложен да ја извршувам функцијата Министер без ресор. Најверојатно му беше повредена суетата од мојата активност и од рејтингот кој што го добив јас чисто од мојата работа, значи јас таму не бев да работам за мој рејтинг или за мој авторитет, бев таму за да ја вршам работата која ми беше должност. Увидов дека државата дава доста можности за развој не само на ромската заедница, туку и на граѓаните севкупно во нашата држава, меѓутоа треба некој да знае, да сака и да биде чесен во остварувањето на овие задачи. Самиот кабинет иако е без ресор дава огромни можности за подобрување на состојбата на ромската заедница во сите области. Дополнително како министер имав доста средби со меѓународните организации, донатори и амбасади и така натаму кои изразуваат желба и спремност да дадат било каква поддршка од сите области за ромската заедница. Некаде пред Нова Година овие недоразбирања со претседателот на партијата од која бев назначен за министер добија на интензитет, работата повеќе беше неиздржлива, дури јас во неколку наврати за тоа разговарав и со самиот премиер дека работата која ја работев како министер без ресор ја работам под притисок на самиот претседател на партијата, кој очигледно немаше разбирање за мојата активност, најверојатно сакаше да рабоотам некои други работи за кои јас не бев спремен да се вклучам во неговиот ментален склоп за работи кои што не одговараат, ниту на должноста која ја имав, ниту пак на мојата чест и углед.

delcevo365.mk: Имајки предвид дека сте правник и пред да станете министер редовно и помагавте на најранливата категорија на граѓани со разни совети, дали тоа значи дека и во иднина ќе можат повторно да наидат на ваша поддршка?

Ахмедовски: Јас кажав дека подршката која ја давав на најранливата категорија на граѓани не само во Делчево, туку и пошироко и понатаму ќе ја давам. Поддршката ќе ја давам сега и од друга позиција, и од партиско политичка функција. Сметам дека решавањето на сите проблеми, не само на ромската заедница туку и на граѓаните на нашата држава, не можат да бидат решени само со активности на невладините организации. Јас знам дека невладините организации даваат голем допринос за подобрување на состојбата на заедницата, кое што нешто од останатите политички партии на ромската заедница не можат да го прифатат. Јас бидејки работев со невладините организации за време додека бев министер кабинетот бепше широко отворен за нив и ден денеска со нив работам, соработувам, така да поддршката моја кон нив исто ќе биде обострана, ќе биде поддршка која нема да изостане.

delcevo365.mk: Кои активности и претстојат на партијата?

Ахмедовски: До крајот на месецот ќе се фокусираме на формирањето на општинските организации по сите општини во источна Македонија. Активностите сигурно ќе бидат насочени во однос на претстојните избори. Како што кажав ги повикав вчера на седницата на извршниот одбор, граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за оној кандидат за кој сметаат дека ќе биде најдобар репрезент на нивните интереси. Во оваа прилика повторно ги повикувам Ромите, не само симпатизерите на нашата новоформирана партија, туку и граѓаните воопшто, да излезат да го дадат својот глас за оној кандидат за кого навистина сметаат дека може да биде претседател на нашата држава, бидејки учеството на било кои избори едноставно претставува допринос и на нашата заедница која учествува во креирањето на јавните политики на нашата држава.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*