Се продлабочува соработката помеѓу Делчево и Измир

Делегација од општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, престојуваше во неколкудневна официјална посета на општините Газиемир и Борнова во градот Измир, Р. Турција. За време на посетата, Трајковски оствари работни средби со градоначалниците на двете општини, на чија покана се реализираше оваа средба.

-Имавме доста конструктивни средби од кои искрено сум многу задоволен, особено од нивниот интерес за нашата соработка освен во културата да се прошири и на други полиња. Имавме средба со претставници од бизнис-секторот од Борнова и Газиемир, со цел да дојдат да ги разгледаат можностите кои ги нуди нашата општина за инвестиции, рече Трајковски.

Додава дека ова е втора негова посета на Измир.

-Се надевам нема да биде и последна, бидејќи станува збор за потомци од иселените Турци од Делчево и Македонија кои изразуваат голема љубов кон родното Делчево и Македонија. Ние сме подготвени да ја продолжиме соработката со двете општини во Измир, да ја изградиме на едно повисоко ниво и на заеднички интерес, дополни Трајковски.

Делегацијата во Турција ја сочинуваше и група составена од делчевски играорци кои убавините на Пијанечкиот фолклор го претставија во рамки на 22. Меѓународен фестивал на детето во Газиемир.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*