Видео: Од одбележувањето на 116 години од смртта на великанот Гоце Делчев

Со пригодна свеченост организирана од општина Делчево и Културно уметничкото друштво „Гоце Делчев“, денес по повод 116-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев се одбележа датумот на загинувањето на револуционерот кој во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница. Пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, делегација од Советот на Општина Делчево со претседателот Драган Маневски, претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните. Во рамките на одбележувањето членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев.
 
Градоначалникот Горан Трајковски истакна дека Делчево достојно го исполнува аманетот кој го остави големиот револуционер.
 

-Градот Делчево го носи името на великанот Делчев од 50-тите години на минатиот век, а како следбеници на неговиот лик и дело ги промовираме неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град како достоен носител на неговото име, рече Трајковски.

По повод значајниот датум за градот чиј патрон е токму најголемиот македонски великан, вечерва под покровителство на градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, а во организација на Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“, во Македонската филхармонија во Скопје, со почеток од 19 часот, ќе се одржи концерт на гудачкиот оркестар од Скопје и Софија „Гоце 116“. Концертот е во режија на Илија Каров, а ќе настапат Гонца Богоромова-Краповски, Десислава Тодорова, Марин Бабиќ, Христо Христов, квартет труби и гудачкиот оркестар од Софија и Скопје.
Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. По убиството, неговите посмртни останки до 1917 година се чувале во Баница, по што биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчегот со коските се чувал во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*