Во Пијанец на неколку локации и во близина на неколку манастири православните христијани го одбележуваат празникот Ѓурѓовден. Во манастирскиот комплекс „Св.Ѓорѓи“ во атарот на селото Вирче во Делчево, кај месноста Ѓурѓов Даб, по повод христијанскиот празник Ѓурѓовден, денеска традиционално се одржува голем црковно-народен собор.
Со црковна богослужба, заеднички ручек и општонародна веселба верниците го прославуваат празникот посветен на Великомаченикот Св. Ѓорги – Ѓурѓовден. По завршувањето на собирот следува ѓурѓовденската визита со посета на домовите на оние што го носат името Ѓорѓи, Ѓурѓа, Ѓуро, Ѓоко, Гошо, при што домаќините ги почестуваат гостите со ракија и домашни специјалитети.


Во чест на Свети Ѓорѓи црковно-народен собир денес се одржува и кај месноста Кулата, во чија близина има чешма во мештаните позната како Света вода. Во близина на малото манастирче таму денес исто така се служи заеднички ручек за сите посетители.

Името на Свети Ѓорѓи го носат уште неколку цркви во Пијанец. Една од тие цркви е и црквата Св.Ѓорѓи во село Град каде мештаните откако дома ќе го подготват јадењето, најчесто јагне, го носат во црквата каде и се одржува заедничкиот ручек за здравје во домовите на семејствата кои го носат името на Светецот или на оние на кои денешниот ден им е домашна слава.

Селото Киселица исто така е едно од оние места каде пред неколку години е изграден манастир во чест на Свети Ѓорѓи и каде во чест на денешниот ден се одржува црковно-народен собир.

До пред извесно постоеше и црква во село Бигла која е посветена на Св.Ѓорѓи, но која оставена на забот на времето се распадна. Таму мештаните минатата година започнаа изградба на нова црква, која се гради најмногу благодарение на иселениците од тој крај.

Нека е за многу години денешниот ден на сите оние кои го слават името на „Св.Ѓорѓи“.
Leave a Reply