Неделата на имунизација одбележана во Пехчево

Во рамки на одбележување на Неделата на имунизација, денес во соработка со општина Пехчево, НВО „КХАМ” ги продолжи активностите за доделување хигиенски пакети на семејства чии новороденчиња редовно примаат вакцина. Акцијата започна од село Црник, кое како што истакна претставникот на ,,КХАМ” Зоран Биковски е село со најголем број редовно вакцинирани деца.
 
-Она што можеме да го кажеме е дека пораката е најдобро сфатена во село Црник, и во однос на имунизацијата и во однос на редовните гинеколошки прегледи. Добрата соработка со локалната самоуправа и со Здравствениот дом очигледно дава резултат, најпрво со отворањето на пунктот за имунизација, кај што имаме редовна имунизација во Црник, како пример за сите населени места, рече Биковски.
 
За градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски најважно од спроведувањето на овие акции е зголемувањето на колективниот имунитет кај населението.
 
-Овде сме да ги посетиме семејствата и да им посочиме дека имунизацијата е многу важна пред се за лично здравје за дечињата, а секако и за колективно здравје на сите жители од пехечвско, истакна Тренчовски.
 
Кај гинеколошките прегледи во поголем број случаи, посебно во градот Пехчево и Берово како што истакнаа дел од анкетираните мајки на новороденчиња забележана е селективна незаконска наплата на одредени здравствени прегледи.
 
-Иако мислиме дека здравствените услуги за бремените жени се бесплатни има случаи кога за одредени прегледи плаќаме од 300 до 500 денари, најчесто за Ехо прегледи и земањето брис, истакна Катерина Павловска, мајка на новороденче од Пехчево.
 
Од страна на НВО „КХАМ” посочија дека таквите случаи треба да се пријават во Фондот за здравствено осигурување, санитарниот инспекторат, локалната самоуправа и невладините организации. Исто така од ,,КХАМ” упатија повик до посочените институции по овој допрен глас да излезат и извршат увид во гинеколошките ординации во врска со наплатата на споменатите услуги.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*