Жителите од пехчевски Црник ќе добиваат здравствени услуги во местото на живеење

Жителите од пехчевски Црник, години наназад патуваат по 15 километри за да ги добијат потребните здравствени услуги. За да им се скратат овие патешествија и да немаат вакви проблеми во иднина, се оспособува просторија, каде ќе биде сместен лекарот кој многу скоро ќе ги посетува три пати неделно. Ова е приоритет за жителите на Црник, но и за градоначалникот Драган Тренчовски кој по укажувањата на НВО „КХАМ“ која се грижи за правата на пациентите, во соработка со Здравствениот дом во Пехчево, започна активност за конечно остварување на ова барање на жителите од ова пехчевско село.
 
-Во изминатиот период пробно имавме посета на доктор, кој доаѓаше во селото. Во моментот се работи на доопремување на просторијата во која треба да работи докторот, кој ќе може барем трипати во неделата да ги посетува. жителите. Се надевам дека во иднина, селаните ќе имаат можност да го посетуваат докторот во нивното село, а не да патуваат по 15 километри во Пехчево, така што ќе можат полесно да ги решаваат своите здравствени проблеми со кои се соочуваат секојдневно, рече Тренчовски.
 
Дека навистина се работи на случајот потврдија и од Здравствениот дом во Пехчево.
 
-Ние од Здравствен дом Пехчево во врска со оваа проблематика сме во постојан контакт со Министерот за здравство и министерството. Вложуваме напори да се вработат и нови лекари, така да имаме интерес и желба да се овозможи доаѓање на лекар во село Црник, истакна в.д дирекоторката на установата Даниела Георгиевска Кукушовски.
 
Исполнувањето на ова ветување, како што истакна Зоран Биковски од НВО „КХАМ“ ќе значи и подигање на квалитетот на живот на жителите од ова село.
 
-Самите жители го адресираа проблемот, дека сакаат да имаат доктор во местото на живеење, Еве слушнавме ветувања, гарантирани ветувања дека во најскоро време ќе започне да работи здравствената ординација со што сметаме дека во голема мера ќе се подобри квалитетот на живеење и квалитетот на здравствени услуги на локално ниво, истакна Биковски.
 
Село Црник е село со мешан состав на населението и е едно од поголемите села во пехчевскиот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*