Хуманитарни активности по повод Рамазан Бајрам во Берово

Светската хуманитарна организација Humanity First во соработка со Здружението Ахмедија, Здравствен дом Берово и Општина Берово денес како дел од одбележувањето на празникот Рамазан Бајрам додели хуманитарна помош за најранливата категорија граѓани. Помошта како што информираше одговорното лице на Ахмедија, Васим Ахмад се состоеше од лекови и храна.
 
-Секоја година во очи на празникот Рамазан имаме традиција да помагаме на многу луѓе, а оваа година донираме лекови и храна, истакна Ахмад.
 
Како што истакна одговорното лице на хуманитарната организација Humanity First, Зубер Кхан, хуманитарната организација работи исклучиво на хуманитарни цели и досега има реализирано многу активности и има помогнато на многу луѓе во светот.
 
-Ние сме помошна организација на Ахмедијската заедница која во разговор со локалната заедница им помага на луѓето ширум светот. Денеска сме во Берово и овој пат доделуваме лекови кои им се потребни на луѓето во Берово. Акцијата деновиве продолжува во Куманово и Пехчево, информираше Кхан.
За Билјана Марковска, претставник на општина Берово, овој гест усреќи голем број на граѓани, кои имаа потреба од помош.
 
-Голема благодарност за иницијативата за овој хуманитарен гест, со кој ќе се помогне на повеќе граѓани од Општина Берово и до матичните лекари, кои во изминатиот период работеа, изготвувајќи списоци на пациенти и соодветна терапија на истите, рече Марковска.
 
Како дел од настанот од страна на тројца матични лекари и директорот на Здравствен дом Берово, Тодорчо Кацарски беше поделена соодветна терапија, која не е на позитивната листа, а која што е купена како донација од страна на светската хуманитарна организација Humanity First. Исто така на присутните им беа поделени и хуманитарни прехранбени пакети.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*