Одличните временски услови во изминатите неколку дена придонесоа во Пијанечкиот регион дневно да се откупуваат и по 200 до 300 килограми свежа печурка. Ова го потврдија вработените во неколку откупни центри, од каде велат дека моментално најзастапена е печурката „вргањ“.
-Во моментот почна вргањот, кој е крал на печурките, имаме ливадарка и лисичарка како и јајчарка. Ова се најзастапени печурки бидејки сите услови се создадени за нивна појава. За да продолжи сезоната важно е ноќните температури кои да се движат од 14 до 16 степени, влажност има така што и во наредните денови очекуваме зголемено присуство на печурки, вели откупувачот Трајчо Гоцевски.

Додава дека во изминатиот период просекот на откупени печурки се движи од 200 до 300 килограми дневно.
-Иако се случува во некој ден бројката да е поголема, во изминатата недела дневно откупуваме од 200 до 300 килограми печурка. Можеме да кажеме дека тоа е солидна бројка, која во наредната недела, доколку се задржи сонцето очекуваме да биде поголема, додава Гоцевски.
Цената за прва класа печурка достигнува до 170 денари, додека за второкласните печурки откупувачите плаќаат по 100 денари за килограм. Откупувачите апелираат лицата кои не знаат да ги препознаваат печурките, истите да не ги берат и консумираат.
Leave a Reply