Интервју со педијатар д-р Виолета Атанасова, најдобриот лекар во Македонија

По повод добивањето на наградата „Св.Наум Охридски“, награда која Лекарската комора на Македонија како награда за лекар со особени постигнувања во здравството и ја додели на нашата сограѓанка, педијатар д-р Виолета Атанасова, направивме кратко интервју, во кое откако и честитавме за успехот, доктор Атанасова ја запрашавме да ни каже нешто повеќе за самото значење на наградата и предизвиците со кои се соочила како дел од нејзиниот долг работен стаж.

delcevo365.mkЧеститки за освоената награда. Како лекар педијатар, сакаме да дознаеме нешто повеќе за вашата работа, од вашите почетоци до денес?

Д-р Виолета Атанасова: Благодарам на честитките, наградата ја добив на свеченост по повод 27 години од постоењето на Лекарската комора на Македонија. Таа награда се доделува како награда за доктор на годината за 2018 и еве ја имав таа чест јас да бидам добитник. Оваа награда фактички е награда за моето долго работно искуство, за мојот долг работен век од 48 години. Исто така ова е награда за мојата посветеност кон работата и награда за мојата хуманост. Јас дојдов во Делчево од Битола во 1981 година како општ лекар, Откако се вработив, на почетокот работев во Македонска Каменица, а потоа работев во Делчево. Иако работев во Делчево ги посетував и околните села и сите здравствени пунктови во општината. Во 1995 година, во месец јануари, јас ја завршив специјализацијата по педијатрија и почнав да работам во детскиот диспанзер во Делчево во претшколска возраст, водејки и работејки со превентива и куратива. Од 2007 јас веќе сум матичен доктор, но останав доследна на својата специјалност со што во мојата ординација претежно прегледував деца од претшколска возраст.

delcevo365.mk: Имајки предвид дека целата ваша работа е  поврзана со децата, како е да се работи со најмалите.

Д-р Виолета Атанасова: Убаво е да се работи со децата, тие се една многу добра популација, затоа што на моменти можат да те насмеат, меѓутоа некогаш има случаи и кога ќе се натажиш. Имало случаи кога и ние лекарите се растажуваме на некои судбини на децата, меѓутоа сме среќни кога на пример се ќе излезе добро. Имаше случај кога пред година ипол, едно детенце играјки една банална игра во училиштето падна и си ја повредува главичката. Во моментот мајкатана детето ми звони и ми кажува дека дека детето паднало и си ја удрило главичката, а после извесно време ми звони дека детето повратило. Јас реков веднаш да дојдат во Делчево. Тие тргнаа, од подалечно село беа, тргнаа од Разловци за да дојдат во Делчево, меѓутоа јас ги чекав во ходникот, кога го донесоа детето беше веќе во кома. Ми го донесоа во раце. Во моментот тука детето имаше и грчеви. Ние го средивме детето, се што можевме направивме и го испративме во болница. Детето беше во кома два ипол месеци на неврохирургија во Скопје. Меѓутоа, јас секој ден контактирав со родителите, а често контактирав и со медицинскиот персонал од неврохирургија. После два ипол месеци, кога го слушнав гласот на детето, кога ми се јави на телефон и ми рече: Докторке што правиш?..мене ми потекоа солзи од очите, значи бев пресреќна, зошто се работи за еден млад живот, кој повторно се вообновува, детенце кое повторно почна да оди во основно училиште, кое детенце заедно со своите врсници и понатаму ќе го живее својот убав живот.

delcevo365.mk: Во однос на колективното здравје кои се најчестите проблеми со кои во моментот се соочува овдешната помлада популација.

Д-р Виолета Атанасова: Во моментот сега имаме повеќе горно-репираторни инфекции, пред некое време често имавме повраќање и проливи. Секако тоа се должи на временските услови, меѓутоа нешто позначајно, поинтересно немаме, еве како што беше актуелен и проблемот со морбили, во Делчево нема морбили, така да не треба да се дига никаква паника, луѓето треба да бидат спокојни, така да децата ни се добри. Овие лесни горнореспираторни инфекции поминуваат за неколку дена , така што нешто позначајно овие денови нема кога е во прашање здравјето на најмалите.

delcevo365.mk: Што ќе им препорачате на родителите со новороденчиња, тие обично се најгрижливи околу здравјето на своите деца?

Д-р Виолета Атанасова: Новородените деца често ги закажуваме и ги гледаме тука, посебно ако треба одам и во домашни услови да ги видам, особено ако се работи за мало новородено дете, Во тој случај се даваат совети на родителите, тука мислам на исхраната, за доењето, ако треба дохрана се мерат за да се види како одат тежински тие деца, па затоа често ги советуваме младите родители да не ги мешаат децата со луѓе кои кашлаат и кои киваат за да не настане некоја инфекција кај малечките деца оти нормално тие се поосетливи, помал организам, почувствителни деца и затоа да не настане проблем потребно е да ги чуваат тие деца мислам да не настане некој проблем потребно е да ги чуваат, мислам да се изолираат тие деца од таквата средина каде има повеќе луѓе или од контактите со болни луѓе.

delcevo365.mk: Како за крај на нашиот разговор, една порака до вашите колеги

Д-р Виолета Атанасова: Јас сум благодарна за оваа награда што ја добив, благодарна сум на младите колеги од општинскиот огранок на Лекарската комора кои ме предложија за оваа награда, а исто сум благодарна и на колегите од Лекарска комора кои ми ја доделија оваа награда. Голема благодарност и до колегите кои беа со мене и ме поддржуваа на церемонијата на свеченото доделување на наградата, како и на мојата медицинска сестра која долги години работи со мене и беше со мене на чинот на доделување на наградата. Навистина ова е голема награда за мене и за моето долгогодишно искуство и затоа за крај ги советувам моите колеги, да работат и понатаму, да напредуваат, за да дојде ден кога и тие некогаш ќе ја добијат оваа награда. Им посакувам многу здравје и среќа, да бидат упорни и стрпливи и наградата ќе дојде сама по себе.

Интервју со педијатар Виолета Атанасова, најдобриот лекар во Македонија

Интервју со педијатар Виолета Атанасова, најдобриот лекар во Македонија

Posted by delcevo365.mk on Saturday, June 8, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*