Разговор со жители на село Град во пресрет на „Духовден“ соборен ден во селото

Во недела жителите на село Град го слават својот соборен ден Духовден. При нашето присуство во село Град пред продавницата на Атанас Ангеловски ги затекнавме пензионерите Драган Сточиов и Ангеловски Борис, кои криејки се од горештините решија да разврзат муабет за тоа како се правеле соборите некогаш, што му недостасува на селото и да позборуваат за многу други кои ги мачеа или кои сакаа да ги споделат за да им олесни.
 
-Јас сум Ангелов Борис, можам да кажам дека и порано соборниот ден го правевме како и сега. Но сега гости има слабо, ниту некој оди ниту некој доаѓа. Селото се испразни, останавме само старите, некој со бастун, некој со штаки и тоа е тоа, вели Ангеловски.
 
Во селото како што истакна пензионерот Драган Стоичов има околу 350 луѓе, но сепак рече дека точниот број на жители треба дополнително да се утврди. Најголем дел од нив, како што додава се иселени во Делчево, но најмногу како и на многу други места ги има во странство.
 
-Порано кога имаше соборен ден тука, по две музики доаѓаа и се тераше визита по селото. Ама имаше многу и луѓе, додека сега во последно време гледам народот е многу разединет. Затоа на соборите сега одат само луѓе кои се свои, одат како на гости, нешто со јадење, нешто со пиење, ќе падне муабет и секој си оди од каде што дошол. Не се собираат како на некогашните соборни денови. Домот каде порано се собираа младите одамна го продадоа, така што и оние млади што ги има во селото, нема веќе каде да се собираат. Баш пред некој ден, околу петмина млади и едно женско дете, беа кај мене на гости и се прашуваа што да прават, каде да се соберат и да ги пречекаат гостите кои ќе дојдат за време на соборниот ден, поточно каде да организираат игранка. Предложив да се соберат во едно место, кое порано беше сушара, но сопственикот вели многу имало за чистење. На времето имаше игранки, се плаќаше влезници и беше многу убаво, не само во село Град и во другите села кога одев, вели Стоичов.
 
Стоичов кој долги години бил по странство, вели дека младите си одат од државата заради личен интерес.
 
-Сум слушал на телевизија, ја напаѓаат Бугарија оти дава бугарски пасоши, а велат на мала рака има околу 300 илјади со бугарски пасоши, така ми кажале тие кои им посредуваат. Тие 300 илјади денес да се овде, ајде кажете ми што ќе работат. Има млади луѓе што завршиле факултет, високо образование и мора да учат друга професија таму. Големи слабости има овде, во споредба со Швајцарија. Јас долго време сум бил таму и доста ги знам тамошните закони, но ќе кажам едно, нашиот човек е работлив народ, но во сите држави во кои сум бил Австрија, Швајцарија, Белгија, еднаш неделно излегува весник во кој од „А“ до „Ш“ има цена за секој еден земјоделски производ по која цена се откупува. Кај нас тоа го нема, еве на пример како што беше лани со тонови и тонови имаше слива, а народот ем работеше, ги ораше ги прскаше, за тоа пари даваше, но ништо не се презеде мерки. Е сега кажете како да не одат во странство. Во странство колку имаш стаж, толку е, и тоа што си го заработил ти го даваат, вели Стоичов.
 
Ангеловски и Стоичов поразговараа и за останатите работи кои им се важни, па пред продавницата падна муабет и за овогодишната реколта на сливи, побараа да се врати времето кога во селото иамло амбуланта и мнпгу други работи.
 
За да не откриваме се’ што рекоа двајцата пензионери, погледнете го разговорот во видеото во продолжение.
 

Разговор со жители на село Град во пресрет на „Духовден“ соборен ден во селото

Разговор со жители на село Град во пресрет на „Духовден“ соборен ден во селото

Posted by delcevo365.mk on Saturday, June 15, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*