Делчевските кик-боксери Павел Стојчевски и Дилан Ивановски освоија два златни и еден бронзен медал на престижниот Меѓународен Куп натпревар „Трофеј Белград 2019“. Како што информираше тренерот на екипата, Љупчо Стојчевски, младите делчевци медалите ги освоиле во дисциплините поинт-фајт и кик-лајт.
– Нашиот натпреварувач Дилан Ивановски имаше настап во поинт-фајт во борбите за постари кадети под 42 килограми во која го освои златниот медал, додека бронзен медал Ивановски освои во дисциплината кик-лајт. Нашиот помлад претставник Павел Стојчевски, откако немаше противник во поинт-фајт за помлади кадети под 37 килограми, беше префрлен во категоријата за натпреварувачи под 47 килограми, во која противник му беше Филип Стевановиќ од КБС „Фајтер“ од Брчко. Иако Стевановиќ беше потежок 10 килограми, сепак Павел со убедливи 7:0 успеа да го совлада и да го освои златниот медал, информираше тренерот Стојчевски.


Додава дека Павел Стојчевски се натпреварувал и во кик-лајт во дисциплината за помлади кадети под 37 килограми каде за малку останал без медал. Овие три медали, како што додава тренерот на екипата од Делчево, се голем успех за кик-боксинг клуб „АС“ имајки предвид дека на „Трофеј Белград 2019“ учествувале 364 натпреварувачи од 6 држави и 72 клуба.
Овој успех на кик-боксинг клубот „АС“ се надоврзува на претходно освоениот сребрен медал кој минатата недела Павел Стојчевски го осови на натпреварувањето во Цетиње, Црна Гора.





Leave a Reply