Делчевското здружение на пензионери наскоро со нов статут

Од почетокот на минатиот месец, делчевското здружение на пензионери има нов претседател. По пауза од една деценија раководната позиција повторно и е доделена на жена пензионер. Речиси без никаква претходна најава, новата претседателка Голубинка Анастасовска, денес ни излезе во пресрет и не удостои со своите одговори, во врска со она на што ќе се концентрира во наредниот период, како Претседател на Здружението на старосни, семејни, инвалидски и други пензионери на општина Делечво. Една од првите работи, кои наскоро треба да добие разврска, како што истакна Анастасовска е новиот Статут на здружението, одлука која наскоро ќе се најде на следното Собрание на пензионери.

delcevo365.mk: Кои се главните активности пред кои сте исправени како претседател во наредниот период?

Анастасовска: Како што најавивте, од неодамна сум избрана за нов претседател на Здружението на старосни, семејни и инвалидски и други пензионери на општина Делчево. Избрана сум на конститутивна седница која се одржа на почетокот на минатиот месец. Имаме околу 3600 пензионери, организирани во 14 ограноци, кои го сочинуваат и собранието на Здружението на пензионерите. Она на што сме најмногу фокусирани во моментот е тоа што спроведовме постапка за измена и дополнување на статутот на нашето здружение. Имаше неколку одредби кои не беа во согласност со Законот за здружение и фондации, па ние спроведовме таква одлука за измена на стаутот и веќе сме во финалната фаза. Организиравме јавни дебати на оваа тема по ограноците и стигнавме до донесување на одлука за измена на статутот. Деновиве треба да се одржи Собранието и да ја донесе таа одлука. Инаку планирам во иднина да се потрудам да работам и на подобрување на стандардот на корисниците на пензија.

delcevo365.mk: Во изминатиот период бевте активни учесници на манифестациите кои секоја година се организираат на Регионално ниво. Кои успеси ги постигнавме на Регионалните спортски натпревари кои неодамна се одржаа во Берово?

Анастасовска: Во врска со активностите што ги имавме во изминатиот период за кој јас сум претседател, да кажам дека се одржа Регионалната музичка ревија на пензионери во Виница. Ние имавме успешен настап на тој Регионален натпревар. Потоа се одржаа Регионалните спортски натпревари во Берово и тука ние постигнавме, можам да кажам забележителни резултати. Освоивме две први места, жени во пикадо и жени шутирање пенали на мали голчиња и со оглед што бевме први, тоа ни дава за право да учествуваме на Републичкиот спортски натпревар кој ќе се одржи во втората половина на септември.

delcevo365.mk: Пред некој ден можевме да заблежиме како го чистевте просторот пред зградата во која е сместено здружението. Како помина таа акција?

Анастасовска: Точно така, во однос на останатите активности кои ги презедовме имавме организирано чистење околу зградата на пензионерите. Учествуваше и Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“ со чија поддршка и со поддршката од самите пензионери претежно од Ново Делчево, ја реализиравме акцијата, која морам да признаам беше успешна, задоволна сум од одзивот на пензионерите.

delcevo365.mk: Колку, како здружение сте отворени за нови членови, кои сакаат да се докажат на било кое поле?

Анастасовска: Здружението е отворено за соработка, се пријавуваат пензионери кои имаат квалитети, за да можеме во иднина да имаме  уште подобри резултати и пообемна програма за настапи на спортски и музички ревии. Да не заборавам и тоа да кажам дека во врска со отворањето на туристичката сезона имавме организирано патување од Дојран, пред тоа на покана на Здружението на пензионери од Македонска Каменица, учествувавме на манифестацијата „Бабина баница“, имавме и некои други поситни активности, одржуваме Седници на одборите, седници на комисијата за статути,  правни прашања,  сега подготвуваме седница на Собрание.

ШТО ВЕЛАТ ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЗА НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Пензионерот Миле Костадиновски од Делчево е задоволен што после 12 години со здружението повторно раководи жена пензионер. Тој изрази задоволство и од условите во клубот на пензионери за кој рече дека нема друг сличен во Македонија.

-Не е за првпат што го води жена здружението, туку за 12 години колку што сум јас тука е втор пат да биде жена раководителка. Раководителот направи мошне добра акција пред некој ден со тоа што комплетно го исчисти просторот околу зградата, многу сум благодарен што испадна така, вели Костадиновски.

Новиот клуб  на пензионерит во кој веќе втора година уживаат го пофалија и останатите пензионери. Сите се задоволни од она што може да го пружи клубот, бидејки како што велат местото е идеално за сите видови игри кои ги дозволува катчето.

Многу ни е подобро сега отколку што беше порано, убаво е овде само ни фали да ни ги покачат пензиите, инаку не е лошо, вели пензионерот Методи Стоилов.

На исто мислење е и пензионерот Десподов Арсен.

-Пензионерскиот живот не е лош, лошо е тоа што остаревме инаку услови имаме, чисто е, убаво е дружиме се пензионери сме што да правиме, вели Десподов.Пензионерите ги оставивме во нивните секојдневни игри, а тие како љубезни домаќини не не пуштија да заминеме без чаша кафе и топол чај.

За кратко ќе биде објавен и видео материјал од денешната посета на Клубот на пензионери.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*