Видео: Одржана промоција на „Бдеењето над себе“ од Дијана Петрова

Во организација на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, вечерва во Делчево беше промовиран романот „Бдеење над себе“ на нашата сограѓанка Дијана Петрова. Промотор на романот беше проф. Д-р. Весна Мојсова Чепишевска, а кратки фрагменти од романот читаше Ива Станковска, која е и автор на цртежот на корицата.

За промоторот проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска, беше чест делото да се промовира во родниот град на авторот.

-Присуствуваме на еден инзвонреден настан, морам да кажам дека Делчево има чест после промоцијата која што се случи во Скопје на 19 јуни, еве токму со оваа промоција „Бдеењето над себе“ на Дијана Петрова, и вие да го отворите културното лето и ние еве да дадеме придонес во тоа отворање на културното лето во Делчево. Се работи за прв роман на Дијана Петрова, создаван во текот на една година. Тоа започна како една убава преписка на Вибер, таа ги испраќаше првите записи на Вибер, јас ги читав, ја советував и особено ми е драго што имав можност да ја напишам и рецензијата за оваа книга, а еве денес да бидам и промотор, заедно со уште една колешка, да бидеме дел од овој убав настан. Знам дека Дијана нема да застане тука, има во неа  потенцијал и мислам дека Делчево треба да се гордее со вакви млади луѓе како што е Дијана Петрова.

За делото Мојсовска Чепишевска истакна дека романот е всушност монолог на авторот со самиот себе.

-Знаете во ова бурно време сите водиме дијалог со самите себе, се прашуваме кои сме, што сме, како сме и тоа всушност е длабоко нурнување во неа самата и тука ќе најдете еден вид на 15 „бдеења“. Знаете „бдеењето“ е некаде помеѓу сонот и јавето, па се прашуваме дали се се случило или не, но нема се да откриеме, треба нешто и да се прочита, за да се почувствува, истакна проф. д-р Мојсова Чепишевска.

За авторот Дијана Петрова беше посебно задоволство што романот по промоцијата во Скопје се промовираше и во нејзиниот роден град.

-Романот има признание за афирмација на македонскиот јазик и книжевност, многу сум среќна што сме тука, што толку брзо ми се исполни желбата да го промовирам романот во Делчево, бидејки не е важно, до каде ќе ти стигне цветот, зошто ако не се грижиш за корените, цветот брзо ќе скапе, а моите корени се тука во Делчево. Книгата првично ми беше замислена за еден конкурс, во тој конкурс бев меѓу првите три најдобри ракописи речиси цела година ја работев, прво белешките кои ги запишував ги праќав на мојата професорка и потоа на нејзина иницијатива се случи ракопис да се испечати, истакна Петрова.

Додаде дека работи на нешто ново со што нејзината љубов кон пишаниот збор продолжува.

Дијана Петрова е родена во 1992 година во Делчево. Дипломирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Бдеењето над себе“ е нејзина прва книга за која е добитник на Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература од издавачот „Нов Вавилон“ од Битола.

“Бдеење над себе” од нашиот роднокраен автор веќе се наоѓа на полиците на библиотеката и е на располагање на сите читатели од општина Делчево.

Со промоцијата на оваа книга се отвори делчевското културно лето.

Одржана промоција на „Бдеењето над себе“ од Дијана Петрова

Одржана промоција на „Бдеењето над себе“ од Дијана Петрова

Posted by delcevo365.mk on Monday, July 1, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*