Митрополитот Брегалнички г-дин Иларион утре во Делчево ќе одржи Света божествена архиерејска литургија

Во чест на Св.Наум Охридски Чудотворец утре во крстилницата посветена на еден од основоположниците на македонска писменост и просвета во Делчево ќе се служи Света божествена архиерејска литургија.
 
Со литургијата ќе чиноначалствува, неговото Високопреосвештенство Митрополит Брегалнички, г-дин Иларион, кој воедно утрешното присуство ќе го искористи да ја пушти во употреба новата свеќара.
 
Пристигнувањето на г-дин Иларион е најавено во 7:50, а потоа во 8 часот започнува и Светата божествена архиерејска литургија. 
 
Утрешниот ден, велат од свештенството е ден кога се слави исцелителот и просветител на македонскиот народ.
-Нашата Света Православна Црква утре го одбележува празникот посветен на Преподобен Наум Охридски Чудотворец, средновековенсловенски научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Крстилницата Свети Наум Охридски Чудотворец која е дел од големата црква Св.Кирил и Методиј во Делчево е осветена во 2013 година и од тогаш до денес секоја година се служи литургија во чест на ученикот на сесловенските браќа, истакнаа од делчевското свештенство.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*