Беровскиот и делчевскиот регион со доволни количини на вода за пиење

Во беровскиот регион засега не постои опасност од недостиг на вода за пиење и наводнување. Како што информира Зоран Аговски, раководител на беровската подружница на АД „Водостопанство на РСМ“, беровската акумулација во моментот располага со нешто над 7 милиони метри кубни вода, што според Аговски ќе биде доволно за претстојното лето.
 
– Во акумулацијата во Берово моментално располагаме со бруто 7 милиони 845 илјади и 600 метри кубни вода или во нето количина тоа изнесува 7 милиони 245 илјади и 600 метри кубни што сметаме дека е доволна количина на вода, која им е потребна на корисниците за време на летниот период. Мислиме дека со рационално користење на водните ресурси имаме доволно ресурси за наводнување и водоснабдување со вода за пиење, за сите населени места, освен Ратево и Двориште кои не се приклучени на регионалниот водовод, така што граѓаните на Берово и останатите места нема потреба да стравуваат од недостиг на вода во претстојниот период, истакна Аговски.
 
Во делчевскиот регион кој користи вода за наводнување од река Брегалница и Желевица, како што вели Аговски со продолжување на сушниот период, недостиг со вода може да се јави во реонот на Желевица.
 
-Затоа неопхдно ќе биде водата рационално да се користи за да има за сите. Кога сме кај ова подрачје, моментално наши екипи работат на чистење на каналите во селата Тработивиште и Разловци се со цел олеснување на протокот на вода во ова подрачје, додава Аговски.
 
Во меѓувреме беровската подружница на АД Водостопанство на РСМ го санираше дефектот на десниот магистрален вод од ХМС Малешево, со што во текот на утрешниот ден, пробно ќе се пушти полнење на водата, а потоа истата како што дополнија од претпријатието ќе биде пуштена вода за наводнување за потребите на корисниците на вода од Беровско поле.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*