Со отворање на нова црковна продавница, одбележан Св.Наум Охридски Чудотворец

Летниот празник на Свети Наум Охридски Чудотворец, денеска во Делчево беше одбележан со света арихерејска и божествена литургија со која чининачалствуваше митрополитот Брегалнички г.Иларион. Богослужбата се одржа во крстилницата посветена токму на „Св.Наум“, која како дел од големата црква „Св.Кирил и Методиј“ во Делчево е осветена во 2013 година и од тогаш до денес во неа секоја година се служи литургија во чест на ученикот на сесловенските браќа.

Честитајки им го празникот на верниците, Митрополитот Брегалнички г.Иларион им се заблагодари на сите благочествиви луѓе, кои помогнаа, големиот храм посветен на сесловенските апостоли „Св.Кирил и Методиј“, да почне да се гради.

-Посакувам Свети Наум да ги заштитува и да ги пази сите луѓе коишто живеат овде во татковината и насекаде во светот. Овој храм кој што беше предвиден за крстилница е посветен на Преподобен Свети Наум Охридски Чудотворец и во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите добронамерни луѓе, кои еве после толку години, помогнаа големиот храм посветен на сесловенските просветители кои првин крштеваа на река Брегалница, да почне да се довршува. Се надевам дека брзо ќе го осветиме и ќе биде еден велелепен храм и украс на Делчево, истакна г.Иларион.

Владиката Иларион денес ја освети и новата црковна продавница која се наоѓа во состав на крстилницата Св.Наум. Граѓаните со пофални зборови за новата црковна продавница.

-Многу убаво опремено, можеме да купиме црковни работи кои порано не можевме да ги најдеме во Делчево, така што благодарност до свештениците кои овозможија и Делчево да добие една ваква црковна продавница, истакна Софче Стефановска.

Досега во крстилницата се служеа литургии само во чест на Св.Наум Охридски Чудотворец, а од денес, како што истакнаа од делчевското свештенство во црквата ќе се служат богослужби и за сите останати празници кои порано се служеа во старата црква „Успение на Пресвета Богородица“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*