Денес 7 јули е ден на кој христијаните го слават Раѓање на Св. Јован Крстител – Иванден. Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на Свети Јован Крстител.
Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Во Делчево овој ден се празнува кај малата црква посветена на Св.Јован Крстител кој се наоѓа веднаш над магистралниот пат Делчево – Македонска Каменица, во близина на село Очипала. Нека е за многу години овој голем ден во христијанството.
Leave a Reply