КУД „Гоце Делчев“ успешно го претстави Пијанечкиот фолклор во Јалова, Турција

Членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево, задоволни и среќни се вратија од Интернационалниот Фестивал за Фолклорни танци “ТУФАГ” и Меѓународниот натпревар во фолклорни танци ,,Златен каранфил”(Internationl Folk Dance Festival „TUFAG“ and – Golden Carnation and Folk Dance Competition)
 
Како што информираше Зенил Реџепов, уметнички раководител на групата, на фестивалот учествувале фолклорни друштва од 17 земји меѓу кои од Мексико, Русија – Осетија, Кипар, Македонија, Грузија, Црна Гора, БиХ, Србија, Кореа, Бугарија, Турција, Грција и други.
-КУД„Гоце Делчев“ Делчево од 1 до 7 јули во Јалова – Турција ја презентираше својата македонска култура со 6 фолклорни преставувања, вечер на традиционална македонска храна „Делчево некогаш и денес“, како и учество во ревија на народни носии, на која се претстави со оргинална носија од Повардарие. Од вкупно 17 држави, КУД „Гоце Делчев“ Делчево влезе во топ 5-те учесници во финалната вечер. Презадоволни сме од успехот кој го постигнаа младите момчиња и девојки. Уште посреќни и радосни бевме кога организаторот одлучи за 2020 година Кореа и Македонија да бидат гости на фестивалот ТУФАГ, истакна Реџепов.
Во рамките на фестивалот, како што додава, на вечерта на преставување на својата кујна – македонскиот штанд бил меѓу најпосетените, при што најмногу се дегустирала делчевска ракија од сина слива и надалеку познатиот „лут ајвар“. На присутните им бил поделен пропаганден материјал за Македонија обезбеден од Агенцијата за промоција на туризмот.
 
-Преставници од сите држави беа почестени со прием кај градоначалникот на Јалова и Гувернерот. Тие го изразија големото пријателство за Македонија и доделија подароци за младите преставници од КУД„Гоце Делчев“ Делчево, додаде Реџепов.
 
ШТО ПИШУВА ОРГАНИЗАТОРОТ ЗА КУД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“
„За групата од Македонија можеме да кажеме само комплименти. Беа вистински презентери на традицијата и фолклорот од повеќе краеви на Македонија. Нивниот однос кон културното наследство беше со висок пиетет, презентацијата во рамките на можностите беше скоро автентична, богат фонд на автентична народна носија, но и начинот на изведувањето на народните игри и обичаи беа во рамките на оригиналноста. Насмеаните убави момчиња и девојки од Македонија од КУД„Гоце Делчев“ Делчево ги покануваме догодина да бидат пак дел од фестивалот со нови изненадувања“
 
Од КУД„Гоце Делчев“ за реализацијата на ова гостување упатуваат голема благодарност до: Општина Делчево, Фротирка Делчево, Министерство за култура, Агенција за промоција на туризмот, Фротекс, ICEBERG kitchen&bar и др.
 
Посебна благодарност упатуваат до: Прим.др Виолета Арсова (претседател на КУД), Д-р Соња Мавродиева Георгиева која се грижеше за здравјето на девојките и момчињата, Јадранка Дамјановска преставник од родителите, Ермина Реџепова која го посвети целото свое внимание на членовите на ансамблот за превод и услуга од турски на македонски и англиски – македонски. Благодарност и до Уметничкиот директор и кореограф Зенил Реџепов – Стручни кој го обезбеди учеството на овој светски реномиран фестивал.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*