Екипата на „Биоплант“ победник на ноќниот турнир во баскет во Делчево

Екипата на Биоплант од Скопје е победник на вториот ноќен турнир во баскет кој во изминатите два дена се одржа во Делчево. Во финалето победничката екипа ја совлада екипата на Скај Кафе од Делчево со 21:15, резултат кој им ја донесе наградата вредна 15 илјади денари. За екипата од Скопје настапи поранешниот македонски репрезентативец Марко Дујковиќ кој го пофали домаќинот за добрата организација.

-Морам да упатам искрени честитки и да се заблагодарам на организаторите за добриот турнир. На турнири учествуваме не само во Делчево, туку секоја недела настапуваме секаде во Македонија и во странство, истакна Дујковиќ.

Претседателот на Советот на млади Никола Тренчевски, истакна дека Делчево може да биде задоволно од овој настан кој се планира и за во наредните години.

-Како Совет на млади сме задоволни од тоа што успешно заврши вториот ноќен турнир во баскет. Честитки до победниците и посебно до публиката која покажа дека е одлична публика. Се надевам дека спортскиот културен и забавен живот и во иднина ќе го негуваме на ваков начин, истакна Тренчевски.

За најдобар играч беше прогласен Христијан Ристов од екипата на Биоплант додека награда доби и највозрасниот кошаркар Ванчо Зрнцев, кој упати порака до младите компјутерите да ги заменат со било кој спорт.

-Кога можам на 57 години можам да играм да играм активно иако како хоби, им посакувам на сите да си дочекаат и да можат да играат. А за тоа треба да се сака спортот и да се практикува, затоа порачувам повеќе спорт и помалку компјутери, истакна Зрнцев.

Како награда од организаторот, второпласираната екипа доби паричен износ во висина од 10 илјади денари, додека третопласираната екипа Дастинг од Кочани доби 5000 денари.

Екипата на БИОПЛАНТ победник на турнирот во ноќен баскет во Делчево

Posted by delcevo365.mk on Thursday, August 1, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*