Иселеничка средба во недела во село Град

Жителите на делчевското село Град, оваа недела, на 4 август, ќе ја продолжат иницијативата за организирање на традиционлната Иселеничка средба која првата недела по Илинден на сред село ќе ги собере иселениците од цел свет. Средбата која започна како иницијатива на иселеникот Марјан Маџовски и годинава ќе се одржи по 8 пат, а годинава честа да биде кума на средбата му припадна на иселеникот Венко Стоичов кој вели дека целта на средбата и годинава е селаните да се потсетат на времињата кога селото беше полно со млади луѓе и се правеа многу игранки и свадби.
-Минатата година ми се падна мене да бидам кум на иселеничката средба чија главна цел е да се потсетиме на поранешното време, да се потсетиме кога во село Град се правеа игранки, кога се правеа по две свадби месечно во селскиот дом, време во кое овде се заработуваше парче леб. Со цел да имаме што повесела општонародна веселба имаме обезбедено музика во живо, храна и пијалоци, така што очекуваме во недела многу забава, многу дружење и песна, истакна Стоичов.
Иселеникот Благојчо Илиевски, кој со семејството долги години живее во Италија, вели дека не е важно колку години човек е во странство, туку важно е тоа што душата и срцето му се дома, а за Илиевски тоа е село Град.
-За овој ден мораш да најдеш време и начин да си дојдеш дома, без разлика дали си на работа или не, ги кроиш плановите така што за Иселеничката средба мора да си дома, вели Илиевски.
Како што вели иселеникот Душко Ѓеорѓиевски оние кои не се во можност да присуствуваат, со свои средства активно учествуваат во подготовките на средбата.
-Многу луѓе не се во можност да дојдат, но помагаат со свои средства средбата и годинава да се одржи, традиционално на сред село, пред крчмата во село Град каде си игравме кога бевме мали и сакаме оваа традиција да ја продолжат сите генерации по нас, вели иселеникот Душко Ѓеорѓиевски.
Иселениците упатија окана до сите оние кои влечат корени од село Град да дојда во недела на сретсело и да се потсетат како што велат на она по што беше препознатливо селото со најуникатно име во Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*