Осветена црквата „Св.Димитриј“ во село Габрово

Во делчевското село Габрово денес беше осветена црквата “Св.великомаченик Димитриј”. Црквата ја освети Митрополитот Брегалнички г.Иларион во сослужение со свештеници од Брегалничката епархија. Владиката Иларион на мештаните од Габрово им посака убави заеднички моменти во новиот храм.
 
-Нека е честит и благословен овој ден, мир и благослов божји на сите луѓе, еве денеска кога ја славиме светата Марија Магдалена по божја промисла, по божја милост заради трудот и помошта од сите луѓе се изгради и се освети овој храм, посветен на сите луѓе посветен на Св. великомаченик Димитриј. Дај боже овој светец пред престолот божји како и досега да се моли за сите луѓе, за мир и благосостојба во светот, нека ги чува и пази сите и овој храм да биде место каде што сите луѓе кои доаѓаат тука ќе постанат “жив храм”, како што вели апостолот Павле ,,Не живеам повеќе јас туку во мене”, истакна г.Иларион.
Новиот храм на жителите на Габрово им го честиташе и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој присуствуваше на чинот на осветување.
 
-Ова е еден убав православен христијански ден, кога мештаните на село Габрово добија православен храм кои тие заедно го градеа некаде 15 години, со што отсега ќе можат да ги вршат своите христијански обреди, истакна Трајковски.
За доградба на дворното место и дел од фреските во црквата се потребни уште 13 илјади евра, средства кои иселеникот Зора Димитровска очекува со поддршка на иселениците до крајот на годината да бидат соберени.
 
-Голема благодарност до сите кои во текот на изминатите години донираа средства храмот да биде доизграден. Ќе ни требаат од 10 до 13 илјади евра за тоа. Со уметниците кои ќе ги цртаат фреските кои не се готови, се договоривме после осветувањето да почнат со работа. Се надеваме дека до следната година ќе го завршиме дворното место и комплетно ќе биде изградена црквата, истакна Димитровска.
Црквата ,,Св.великомаченик Димитриј” започна да се гради на иницијатива на архитектот Ѓорѓи Јанковски кој е еден од најзаслужните село Габрово да добие нов храм.

Осветена црквата ,,Св.Димитриј" во село Габрово

Posted by delcevo365.mk on Sunday, August 4, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*