Знамето на ПСК „Голак“ се развеа на Јулијските Алпи

Претставникот од Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево, Љупчо Чучуковски кој беше дел од експедицијата „Трилогија Алпи 2019“, ги развеа општинското и македонското знаме на највисоките врвови на Алпите. Како што информираше делчевскиот планинар, тој на ова искачување бил дел од осумчлената делегација која освоила неколку важни врвови на Aлпите.
 
-Како сел од оваа експедиција ги искачивме врвовите Триглав висок 2864 метри кој се наоѓа на масивот Јулијски Алпи во Словенија, потоа врвот Гранд Парадизо на 4061 метри надморска висина на масивот Грејски Алпи во Италија и врвот Зумстеин, 4563 метри надморска висина кој се наоѓа на масивот Валесански Алпи (Монте Роса) во Швајцарија. Експедицијата беше организирана од друштвото Макпетрол-Скопје со главен водич Петар Герасимов со кое имам повеќегодишна соработка, додека експедицијата беше составена од искусни високогорци од Скопје, од Куманово, од Струга и од Делчево, информира Чучуковски.
Додава дека за ова специфично искачување, експедицијата се задржала 10 дена на Алпите.
 
-Техничкиот дел на патеките беше различен. Се поминуваше по камењари, по сипари, по Виа Ферата, по глечери, по снежни површини, се одеше во наврска со цепини и дерези и по најразлични временски услови. Голем предизвик и една прекрасна алпска трилогија, додаде Чучуковски.
 
Ова е втор пат како Чучуковски учествува на планинарска експедиција по Алпите. Последен пат вакво патување делчевските планинари од ПСК „Голак“ реализираа во 2014 година кога го искачија врвот Триглав.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*