Потпишан договорот за финансирање на планинарската патека до врв Огражденец

Во Берово потпишан договор за финансирање на планинарската патека од село Двориште до врв Огражденец кој се наоѓа на 1746 метри надморска висина на планината Огражден.
Договорот го потпишаа градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски и претседателот на Планинарско-спортскиот клуб „Голак“, Љупчо Чучуковски, кој информираше дека патеката ќе се обележува со поддршка на планинарскиот огранок „Сосна“ од Берово.
-На патеката предвидено е поставување на информативни табли, патокази со столбови, истата ќе биде маркирана по Књефелцова маркација, ќе има ГПС запис и ќе биде уште една добра туристичка понуда во Брегалничкиот регион. Истата е во вкупна должина од 10 км во еден правец и е прва ваква планинарска патека на планината Огражден, информира Чучуковски.
Додаде дека почетната точка на оваа патека ќе биде селото Двориште.
-Почетната точка е на 900 метри надморска висина, а крајна точка ќе биде врвот Огражденец на 1746 метри надморска висина на планината Огражден, додава Чучуковски.
Според планираното, оваа патека ќе се надоврзе планинарска патека од струмичка страна, со тоа што ќе биде направена една комплетна трансверзала.
Претходно во рамки на реализацијата на овој проект, планинарите ја поминаа и мапираа патеката со ГПС ,,Гармин”, со што направија проценка, каде треба да бидат поставени патоказите како и каде да се маркира патеката.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*