Делчевската библиотека ќе работи и во попладневните часови

Љубителите на пишаниот збор во Делчево отсега ќе можат да ја посетуваат Јавната локална библиотека ,,Илинден” и во попладневните часови. Од денес се воведува новото работно време на библиотеката до 18 часот, а промената на работното време како што соопшти директорката Анита Петровска, е на барање на самите читатели.

– Поголем број од читателите не се во можност до 15:30 часот да дојдат во библиотеката, од утре, 21 август 2019, вратите на библиотеката ќе бидат отворени секој работен ден до 18 часот. Ова значи дека и новата читална до горе наведениот период ќе им биде на располагање на читателите со што продолжуваме да бидеме тука, и на располагање на нашите читатели, вели директорката Анита Петровска.

Петровска додава, дека во библиотеката константно се зголемува бројот на нови читатели, а редовно се обновува и книжниот фонд.

-Поради тоа што бројот на читателите секојдневно се зголемува, расте секојдневно и книжниот фонд. Моментално располагаме со бројка од 60.000 наслови меѓу кои детска литература, белетристика, романи и друга литература, а секако тука се и најновите изданија кои се популарни меѓу страсните љубители на книгата. Во однос на бројот на читатели, на наше огромно задоволство од почетокот на годината досега имаме 321 нов читател, што е солидна бројка, ако ја споредиме во однос на минатите години, додава Петровска.

Моментално најбарани се делата на Донато Каризи, Џули Џејмс и Сузан Елизабет Филипс, а од ЈЛБ „Илинден“ најавија дека и понатаму ќе продолжат со збогатување на книжниот фонд со се што е ново, интересно и актуелно.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*