Поради лошите временски услови, најпрво суша, а потоа и обилните врнежи, есенската сеидба споредбено со претходната 2018 година во делчевскиот и каменичкиот регион е намалена за 70 проценти. Како што информира Илија Каранфиловски, раководител на делчевскиот сектор за земјоделие, годинава земјоделците имаа засеано површини на вкупно 317 хектари.
-За време на есенската сеидба во двата региони беа засеани само околу 30 проценти од површините, а додека пролетната со 94 проценти споредено со претходната година. Од вкупната површина од 317 хектари, годинава на површина од 120 хектари беше застапена пченицата, потоа јачменот со 117 хектари, овесот со 60 хектари како и житната култура тритикале која ја имаше на површина од 20 хектари, информира Каранфиловски.

Додава, дека очекуваните приноси годинава се под просекот поради недоволната количина на врнежи во фаза на залебување на зрното.
-Од таа причина досега вкупно приноси за 2019 година имаме 938 тони, од кои 420 тони пченица која имаше род од 3,5 тони по хектар, потоа приносот на јачменот изнесуваше 339 тони или 2,9 тони по хектар, приносите од овес изнесуваа 108 тони или 1,8 тони по хектар, додека кај тритикалето родот се движеше во бројка од 68 тони или 3,4 тони по хектар, додаде Каранфиловски.
Инаку, заклучно со 15 август 2019 година како што информираат од делчевската подрачна единица за земјоделие жетвата во делчевскиот и каменичкиот регион е во целост завршена.
Leave a Reply