Во рамки на редовните активности за месец септември, Општинската организација на Црвен Крст-Делчево денес организираше уште една успешна крводарителска акција. Според информациите на Борис Панев, од Регионалниот центар на Институтот за трансфузиона медицина од Штип, делчевчани го исполниле предвидениот план за крводарување, со тоа што денес дарувале повеќе крвни единици од очекуваните.
-Крводарителската акција се одвиваше во најдобар ред, акција во која делчевчани повторно ја покажаа својата хуманост. Иако очекувавме од 30 до 40 крвни единици, хуманите граѓани повторно се надминаа себеси и подарија вкупно 46 крвни единици. Ова за нас, како Регионален центар многу ни значи. Благодарност до сите кои ја испружија раката и подарија од течноста која спасува човечки животи, рече Панев.

Од почетокот на годината досега, според информациите на Ивана Атанасовска од Црвен крст-Делчево, крводарителите од делчевскиот регион, подариле над 400 крвни единици.
-Со оглед на тоа што со денешната акција од почетокот на годината досега се собрани 408 крвни единици, очекуваме до крајот на календарската година да го исполниме и надминеме предвидениот план за крводарување, додаде Атанасовска.
Од Општинската организација на Црвен крст, информираа дека сите кои денес не беа во можност да даруваат крв, тоа ќе можат да го сторат кон крајот на септември, кога ќе се одржи вонредна крводарителска акција во Делчево.
Leave a Reply