Во Делчево одржана работилница од проектот за подобрување на работничките права и подобра бизнис-клима

Формирање економски совет по кој ќе се следат прекршувањата на работничките права е главниот заклучок од одржаната работилница која со граѓаните и претставници на бизнис-секторот од Делчево, се одржа како дел од проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“. Проектот, како што информираше стручниот консултант Зоран Биковски, има за цел, идентификување на проблемите и остварување на работничките права, како и создавање подобри услови за работа на претприемачите од Источно-планскиот регион.
 
-Со граѓаните и бизнис-секторот од Делчево ги идентификуваме потребите за подобра бизнис-клима. Следиме и како се остваруваат работничките права, при што дојдовме до општ заклучок, дека конкретново Делчево има потреба да се формира економски-социјален совет, по кој ќе се следат прекршувањата на работничките права. Од друга страна проектот има за цел да ја наметне потребата за подобри услови за работа на самите претприемачи, приближување на програмите од национално на локално ниво, приближување на оперативниот план на АВРСМ за 2020 година, се со цел претприемачите да вработат што поголем број на работници и да им овозможат подобри услови и безбедност при самото работење, истакна Биковски.
Како што додаде, вакви средби со граѓаните и бизнис секторот во наредниот период се планирани во општините Кочани, Виница и Штип.
 
-На крај од сите овие средби планираме да изготвиме полиси-бриф кој ќе го упатиме до сите надлежни институции, се со цел да се формира подобра бизнис-клима, во фирмите секаде да можат да се формираат синдикални организации, да имаме подобра законска регулатива, да немаме ад-хок мерки, туку мерки за кои што навремено ќе ги планира бизнис секторот и пред се ќе се почитува достоинството на секој вработен со што ќе се влијае за намалување на иселувањето од Источниот плански регион, дополни Биковски.
 
„Граѓанинот е вистинскиот инспектор“ е проект кој го реализира здружението „ИНИ“ од Виница во партнерство со „Хоуп“ од Македонска Каменица.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*