Претставници од Здружението за турско-македонско пријателство во посета на Делчево

Откако пред повеќе од половина век, поголема група македонци-муслимани се иселија од Делчевско, нивни потомци се враќаат во родното место, најмногу поради желбата да го видат родното огниште на своите родители, но и поради можноста да инвестираат во Делчевско. Таков е примерот и со бизнисменот Енгин Џенгер, кој со цел разгледување на потенцијалните можности за инвестирање во индустриската зона, деновиве со претставници на здружението за Турско-македонско пријателство, е во посета на делчевскиот регион.
 
-Јас доаѓам од Измир и таму имам сопствен бизнис со свои работници. Имам желба да инвестирам во Делчево, бидејки моите родители, се од овде. Тие иако се иселени, сакаат повторно да не видат како живееме заедно, а по можност и да направиме нешто во делот на бизнисот. Имам желба да отворам фирма, па ќе видиме како се одвиваат работите, истакна Џенгер.
Групата македонци-муслимани се сретнаа и со градоначалникот Горан Трајковски, средба на која се разговарало за културната размена, но и инвестициите во повеќе дејности.
 
-Денешната посета на претставници од Здружението за турско-македонско пријателство со седиште во Борнова-Измир, дава добра основа за продлабочување на соработката во сите полиња на живеењето. Нивниот примарен интерес, но и наш интерес, е за збогатување на културната размена и соработката, но и за евентуални инвестиции во областа на текстилот, дрвопреработувачката индустрија, фотоволтаици и енергетско ефикасно искористување на сончевата енергија и сл. Како градоначалник ќе дадам максимална поддршка на реализацијата на проектите кои претставуваат и заеднички интерес, посебно сакам да потсетам и на пакетот поволности предвиден од државата за инвестиции во ТИРЗ, истакна Трајковски.
Претставниците на здружението во изминатите денови ги посетиле родните места на своите родители, а најголема желба на Габровецот Наим Акѓонул е тој пензионерските денови да ги помине во родното место.
 
-Македонија е супер. Јас речиси на секои три месеци доаѓам. Ова на мене ми е роден крај, многу ми е мило и убаво тука. Мајка ми и тако ми се од Габрово, јас сум Габровец. Сакам пак да се собереме на едно место, сакам да живеам овде кога ќе одам во пензија, истакна Акгонул.
Меѓу гостите беа и Хамза Челик, Акхан Калфа и Рускан Максутоглу кои исто така изразија желба да инвестираат во Делчево.
 
Средбите со македонците-муслимани од Турција во последните години се, се почести. Соработката датира од времето кога областа Борнова во Измир, доби градоначалник кој потекнува од делчевско Габрово.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*