Земјоделците бараат загарантирана откупна цена на сливата

Во организација на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството-Подрачна единица Делчево, а во присуство на претставници на АД ,,Водостопанство” на РСМ – Подружница Берово, денес во село Тработивиште се одржа трибина со земјоделците од село Тработивиште и околните села. На средбата, како што информираше, Неџбедин Мемедов од РЕ Делчево, се дискутираше за актуелните состојби пред есенската сеидба и штотуку завршената работа околу бербата на сина слива.

-Присутните земјоделци ги запознавме со подготовките околу есенската обработка на почвата. При тоа беше промовирана мала брошура во која од стручен аспект се претставени начините на обработка на почвата, како плиткото летно и длабокото есенско орање и слично. Сметаме дека ова за земјоделците е мошне важно, бидејки од обработката во голема мера зависи како понатаму почвата ќе влијае кон посевите, вели Мемедов.

Во однос на бербата на слива, дополни дека е донесен заклучок, со кој се бара итна интервенција од државата.

-Заклучокот е дека државата треба да се заложи за гарантирање минимална откупна заштитна цена. Сето тоа со цел да можат овоштарите да го планираат понатамошното производство на слива, како култура, која понатаму би била одржлива и доходовна за овоштарите, дополни Мемедов.

Меѓу другото, земјоделците изразија задоволство од наводнувањето за 2019 година, но од претставниците на АД ,,Водостопанство” на РСМ – Подружница Берово побараа, за идната година да бидат исчистени навреме каналите за наводнување и да биде обезбедено доволно вода за наводнување, со цел навремено да ги подготват своите земјоделски површини.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*