Првачињата од делчевската деветолетка „Св.Климент Охридски“, наскоро ќе добијат свои униформи. Средствата за униформите, како што информираат од деветолетката се обезбедени од Буџетот на училиштето и се воведуваат за прв пат од неговото постоење.
-Во текот на изминатите месеци, преку училишните совети и на родителските средби, имавме разговори околу употребата на училишни униформи и од каков вид на облека треба да бидат составени. Наша замисла е, како за прва година, користењето на училишни униформи да го започнеме со првачињата. За таа цел од сопствениот Буџет, имаме обезбедено средства за таа намена, информираа од училиштето.
Доколку се појави интерес од страна на родителите, како што дополнија, во наредниот период, училишни униформи ќе користат и ученици од останатите одделенија.

-Сметаме дека како за прва година е добро да почнеме со првачињата, додека понатаму во зависност од интересот на родителите ќе продолжиме со воведување униформи и во останатите одделенија. Униформата ќе биде прилагодена согласно временскиот период (топло-ладно) и ќе биде составена од дводелна облека. На тој начин, мислиме дека училиштето ќе воведе една новина која досега не беше пракса, додаваат од деветолетката.
Според планираното, првите униформи на делчевските првачиња од ова училиште, ќе им бидат доделени во рамки на одбележувањето на Светската недела на детето, која традиционално се одбележува овој месец.

Leave a Reply